21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Почна пријавувањето за поврат на средства за набавени пчелни матици, нерези и назимки

Сите фармери што набавиле пчелни матици, нерези или назимки во приодот од 1 јануари до 30 септември 2019 година, од денеска ќе може да поднесуваат барања за финансиска поддршка по мерката 121 – „Инвестиции за модернизација на земјоделските стопанства“.

Право на користење на средствата по оваа мерка имаат сите земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС) во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во согласност со Законот за земјоделството и руралниот развој.

„Mаксималната вредност на прифатливите инвестиции од корисник изнесува 600.000 денари за оние фармери што набавиле пчелни матици од одобрени одгледувачници на пчелни матици во согласност со Законот за сточарството. Поддршка од 6.500.000 денари од корисник ќе може да добијат сите фармери што набавиле педигрирани чистокрвни или хибридни свињи, нерези и назимки од увоз или од признати организации“, изјави директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски.

Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции. Кофинансирањето се зголемува во случаи кога:

– се работи за инвестиции на земјоделско стопанство, чиј носител е млад земјоделец до 55 отсто;
– за инвестиции во подрачја со ограничени можности на земјоделско производство до 60 отсто;
– за инвестиции во подрачја со ограничени можности на земјоделско производство кога носителот на инвестицијата е млад земјоделец 65 отсто;
– за инвестиции во недостапни рурални заедници 75 отсто.

Барањата се поднесуваат електронски по извршена регистрација на веб-страницата на АФПЗРР, во делот e-baranje.ipardpa.gov.mk
Барателите на финансиска поддршка потребно е да креираат електронско барање за исплата со бараните податоци и да прикачат задолжителни електронски документи (фактури или сметкопотврда, кои ги докажуваат реализираните трошоци, детаљни испратници за испорачаните матици/добиток, уредно заверени, решение за запишување земјоделско стопанство во ЕРЗС при МЗШВ не постаро од еден месеци од денот на објавување на јавниот повик, фискална сметка или налог за плаќање ПП30 со извод за плаќање или налог за плаќање ПП10 со извод за плаќање на име на доставувачот, образец на договор уредно заверен со потпис и печат.

Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања за користење поддршка по разни мерки земајќи ги предвид и преостанатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година.

Барателите што ги исполниле условите за користење средства се рангираат со бодирање утврдено во Правилникот за поблиски критериуми за избор на корисници по мерките за рурален развој.
– Барањата со ист број бодови ќе се рангираат според датумот и времето на поднесување на електронското барање на e-baranje.ipardpa.gov.mk
– Барањата што не се поднесени електронски на e-baranje.ipardpa.gov.mk нема да се разгледуваат.

Корисниците на средства треба да ги имаат намирено сите финансиски обврски кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и финансиските обврски кон Јaвното претпријатие за стопанисување со пасишта и воден надомест кон водостопанските претпријатија.

Барателите што биле корисници на финансиска поддршка за набавка на трактори преку ИПАРД-програмата и националните програми за финансиска поддршка на руралниот развој за претходните пет години не се прифатливи како корисници на оваа мерка.

Електронски пополнетото барање за исплата од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година, уредно заверено со потпис и печат од барателот, заедно со целокупната потребна документација во оригинал се доставуваат во затворен плик со назнака на предната страна на пликот во горниот лев агол „Не отворај“, барање за исплата и архивски број на барањето (0619-12125-XXXX/1). Барањето може да се достави по пошта или лично во писарницата на Агенцијата.

Спонзорирано: