18.8 C
Скопје
11. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бектеши во Тирана: До крајот на годината ќе биде потпишана Спогодбата за отварање на “One Stop Shop” на граничниот премин Ќафасан

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Тирана оствари работен состанок со министерката за економија и финансии на Република Албанија, Анила Денај и со министерот за внатрешни работи на Република Албанија, Сандер Лешај.

Главна тема на состанокот со двајцата министри беше забрзување на процедурите за воведување заеднички гранични контроли со едно застанување на патниот граничен премин Ќафасан-Кафатане.

Владата на Република Северна Македонија во септември 2018 година донесе одлука за започнување на постапка за воведување на заеднички гранични контроли со Република Албанија на патниот граничен премин Ќафасан-Кафатане, со што ќе се овозможи забрзување на протокот на патници, стока и превозни средства меѓу двете земји.

На почетокот на 2019 година оваа иницијатива беше прифатена од страна на Република Албанија, при што од албанската страна беше доставен и нацрт- текст на Спогодба за воведување на заеднички гранични контроли на патниот граничен премин Ќафасан-Кафатане.

„Ние како Влада имаме интерес за воведување на заедничко гранично управување со едно застанување „One Stop Shop” со Република Албанија што е и наша заложба согласно Берлинскиот процес. На средбата со министерката за економија и финансии на Република Албанија, Анила Денај и министерот за внатрешни работи на Република Албанија, Сандер Лешај утврдивме, во најкраток можен рок да се формираат мешовити работни групи од надлежните институции од двете држави кои ќе работат на техничките предуслови за воведување на заедничко гранично управување на патниот граничен премин Ќафасан- Кафатане. Албанската страна веќе достави нацрт- верзија на Спогодба за заедничко гранично управување, чијшто текст е прифатлив за нас и е појдовна основа за преговори за негово склучување. Во наредниот период ќе работиме на создавање на предуслови на терен за функционирање на овој концепт, по што ќе следи усогласување на Спогодбата по спроведување на законските постапки на двете држави. Очекуваме техничките предуслови од двете страни да бидат завршени до крајот на годината“ информираше министерот Бектеши по состанокот со двајцата министри.