3. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Одложени судењата за „Транспортер“ и „Траекторија“

Судењата за предметите „Транспортер“ и „Траекторија“ на СЈО денеска беа одложени по барање на Државното јавно обвинителство и на специјалното јавно обвинителство.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра.

Во предметот „Транспортер“ обвинети се поранешниот битолски градоначалник, Владимир Талески, и уште 20-ина лица за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на речиси 360.000 евра.

Во петокот беа одложени и судењата „Титаник“, „Титаник 3“ и „Тортура“ поради префрлање на предметите од СЈО во Републичкото јавно обвинителство. Тогаш обвинителката Лиле Стефанова од СЈО рече дека, најверојатно, ќе бидат одложени наредните неколку рочишта додека не се одлучи кои обвинители ќе ги водат предметите.