8. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

(Видео) Анѓушев претстави мерки за повисока продуктвност и конкурентност на компаниите

Економијата во земјата се развива во добра насока, а за тоа доказ е растот на бруто домашниот производ од 4,1% во првиот квартал и од 3,1% во вториот квартал на 2019 година, но и дека Владата оцени дека е вистински момент, со дополнителни стимулативни мерки реалната економија, која е носител на економскиот раст, дополнително да се раздвижи, истакна вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој денеска пред претставници на компании, членки на Комората ги презентираше измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, усвоени неодамна, како и мерките од Предлог Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, кој само пред неколку дена е поставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).

„До минатата година имаше право да користи финансиска поддршка само тој што не го намалуваше бројот на вработени. Со измените на Законот дозволена е толеранција до 5 %, во поглед на намалување на вработените во годината која се аплицира, во споредба со претходните три години. Го проширивме опфатот на компании, вклучени се фирмите од информатичкиот сектор, како и фирмите коишто се регистрирани како трговски или некоја друга гранка. Во опфатот сега се вклучени и фирмите коишто се од земјоделството, ако реализираат инвестиции во преработувачка индустрија. Околу 4000 компани ги исполнуваат условите да аплицираат за мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите“, потенцираше Вицепремиерот.

Вицепремиерот се осврна и на мерките планирани со Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, кои исто така се произлезени како барање и потреба на стопанството.

„Најголем дел од стопанствениците се соочуваат со проблемот на работна сила, односно со наоѓање на квалитетни и квалификувани вработени или со задржување на квалитетниот обучен кадар. Сите тие вршат притисок за покачување на плати. Сите вие сте соочени со еден проблем или со една трка, а тој проблем е што вие би ги зголемиле платите, затоа што јас не познавам совесен сопанственик којшто не би сакал да ги задржи квалитетните работници, меѓутоа кога ќе ги зголемите платите прашање е дали вашата ликвидност може тоа да го издржи. Во таа насока ценевме дека можеби е добро ние како држава во тој дел можеме да помогнеме. Се разбира не можеме да ги субвенционираме платите на вработените меѓутоа можеме да помогнеме во делот на придонесите. Го цениме тоа како инвестиција во човечкиот капитал. Мерката е едноставна, во вредноста од 600-6000 денари сите тие коишто сакаат да зголемат плата на вработен, а како референтна плата се цени просечната плата во претходните 3 месеци, во тој случај работодавецот треба да ја плати нето платата и персоналниот данок за вработениот, а државата ќе ги плати останати средства: придонесите за здравствено осигурување, пензиско осигурување и другите додатоци коишто се во пакетот на социјални придонеси, којшто ги плаќа секој работодавач. Со други зборови доколку сакате да ја покачите платата за 100 евра, сега би требало Вие на тоа да платите 10%+27,7%, а со новите мерки ќе треба да се плати само 10%, а 27,7 % ќе плати државата и тоа значи ќе ги уплати реално тие пари во фондовите. Со тоа нема да бидат оштетени ни пензискиот ни здравствениот фонд, напротив, само ќе се дополнат средствата во овие фондови“, заврши вицепремиерот Анѓушев.