7. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Почна изградбата на канализациска и водоводна мрежа на улицата Петричка во Маџир Маало

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, денеска го означија почетокот на изградба на канализациска и водоводна мрежа на улицата Петричка во скопската општина Центар.

Проектот предвидува изградба на колектор за фекална канализација во должина од 250 метри, како и реконструкција на водоводна мрежа во должина од 263 метри. Инвестицијата е 8 милиони денари.

„Заеднички почнуваме со изградба на канализациска и атмосферска мрежа, како и реконструкција на водоводната мрежа по улица Петричка во вкупна должина од околу 500 метри. Изградбата почнува денеска и според проектот треба да биде завршена во март следната година, така што жителите за шест месеци од сега ќе добијат подобри услови за живот. За мене, а верувам дека ќе се согласите и вие е незамисливо во 21 век да се нема канализација или водовод. Ние ветивме дека во секое населено место каде што нема канализација или водовод ќе изградиме. Ова е тоа што го ветувавме, да го зголемиме процентот на покриеност со водоводна и канализациска мрежа на ниво на цела држава”, изјави министерот Сугарески.

Тој потенцираше дека во моментов се работи на изградба и реконструкција на преку дваесетина водоводи и канализации и најави подготвка на јавни повици за уште десетина проекти од комуналната инфраструктура.
За градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, овој проект е од исклучително значење бидејќи се решава еден крупен проблем со жителите на оваа улица во Маџир Маало.

„Ваков капитален проект овде немало педесетина години. Добро е што централната власт дава грант-средства на општините за реализација на проекти со кои ќе го подобриме живеењето на граѓаните“, изјави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.