Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Пендаровски на граѓаните им го честита 8 Септември

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија.

„Во 1991-та, во неизвесно време, ние, граѓаните, се обединивме околу идејата за своја, независна држава. Тогаш, големиот предизвик, наместо причина за поделби, стана повод за обединување, сите се собравме околу идејата за независна и суверена Македонија. Низ годините имавме и подеми и падови, и грешки и успеси, но, заедно, ги надминавме сите искушенија.

Во 1991-та одбравме независност, во 2001-та меѓуетнички соживот. Денес сме пред портите на европските и евроатлантските институции. За да стигнеме до целта, треба повторно да го обновиме единството што го имавме на почетокот на независноста. За тоа ни е неопходно граѓанско помирување, а за трајно помирување потребна е ефикасна правда и државни институции со интегритет.

Ако сакаме младите генерации да останат во земјата и тука да живеат, да работат и да создаваат иднина, мора да се потрудиме многу повеќе како држава и да им обезбедиме услови да се реализираат и да успеат дома, во својата земја.

Нашата различност е нашата привилегија. Колку поразлични сме, толку побогат и поубав ќе биде нашиот заеднички дом. Да градиме заеднички држава во која сигурно има место за сите нас, да градиме општество ослободено од предрасуди. Држава и општество во која има продуктивен политички дијалог, социјална правда, солидарност кон ранливите и заборавените, во која и државата и граѓаните се грижат за животната средина. Држава во која владее правото, во која истите правила важат за сите нас, и за силните и за слабите, и за моќните и за немоќните, и за власта, и за опозицијата. Држава во која ќе се признаваат грешките и ќе се честитаат успесите. Само таква држава ќе има сигурна и просперитетна иднина“ порача Пендаровски.

Можеби ќе ве интересира

(ФОТО) Функционер од ЗНАМ вечерва се врати во редовите на СДСМ

ДЕСК

СУВО ВРЕМЕ СО УТРИНСКА МАГЛА – Во сабота наутро наместа до −3 °C, детална прогноза за следните 4 дена

ДЕСК

ОЈОГОКК вклучено во меѓународна истрага на Европравда против криминална мрежа за инвестициски измами

ДЕСК