Владата предводена од СДСМ го усвои ребалансот на Буџетот за 2019 година со што продолжува диструбуцијата на повеќе пари кај граѓаните и компаниите. Ребаланост на Буџетот има за цел да се алоцираат средства од оние ставки кои не се искористени, во ставки што обезбедуваат развој на економијата, изјави Фатмир Бетиќи, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ.
„Најновите податоци покажуваат дека економијата е активна и се движи во добар правец. Растот на БДП во вториот квартал е 3,1 отсто што покажува дека економските мерки даваат добри резултати. Се отвораат нови и подобро платени работни места, невработеноста е на рекордни ниски 17,8 отсто“, рече тој.
За разлика од времето на ВМРО-ДПМНЕ, додаде Бетиќи, кога се вршеа притисоци иказнувања на фирмите, денес градиме партнерски однос со приватните компании.
„Денес, бизнисот живее, нема веќе инспекции, нема пиштење вриштење, секој работи без притисоци и слободно се натпреварува на пазарот. Во таа насока, со ребалансот, обезбедени се дополнителни 200 милиони денари за активните политики и мерки за поддршка на вработувањето за кои постои голем интерес“, рече Бетиќи.
Тој информира дека се обезбедени 400 милиони денари за субвенционирање на придонесите од задолжителното социјално осигурување за претпријатијата кои ќе ги зголемат платите на своите вработени до 100 евра, односно до 6.000 денари.
Оваа мерка, појасни Бетиќи, освен раст на платите, има за цел и сузбивање на сивата економија и давањето плати во плико, но и зголемување на приливот на средства во пензискиот фонд.
Исто така, тој кажа дека со ребалансот се обезбедени 193 милиони денари за набавка на лекови за ретки болести и инсулин. Истовремено, во Фондот за здравствена заштита префрлени се 660 милиони денари за непречено остварување на правата од здравствена заштита.