24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Почна реконструкцијата на улицата Благоја Стефковски во Маџари

Екипите на Град Скопје вчеравечер ја почнаа првата фаза од реконструкцијата на улицата Благоја Стефковски, во општината Гази Баба. Увид во градежните работи на оваа делница извршија градоначалникот Петре Шилегов, премиерот Зоран Заев и градоначалникот на општина Гази Баба, Борче Георгиевски.

„Во првата фаза од реконструкцијата, една од најважните улици во Гази Баба ќе се обнови на должина од 870 метри. Реконструкцијата на овој дел од улицата Благоја Стефковски ќе се искористи и за замена на дел од старата подземна инфраструктура со нова, онаму каде што има потреба, со цел да се избегне прекопувањето на новиот асфалт по завршувањето на реконструкцијата. По завршувањето на првата фаза од реконструкцијата, ќе се изгради велосипедска и пешачка патека од едната страна во вкупна ширина од 4,5 метри“, рече градоначалникот Шилегов.

Тој додаде дека очекува наредната година кога ќе почне реконструкцијата на булеварот „Александар Македонски“ овој дел од градот да се спои со велосипедска патека со остатокот од градот.

Вкупната инвестиција за реконструкцијата на улицата Благоја Стефковски ќе биде 16 милиони денари, а треба да биде готова за 60 дена.

Благоја Стефковски е главната улица која поминува низ населбата Маџари и која ги поврзува Гази Баба и општините Илинден и Петровец.

Шилегов упати апел до граѓаните да покажат разбирање додека траат градежните работи на оваа улица и на дневна основа да ги следат информациите за воведување привремен режим на сообраќај, што ги објавува Град Скопје.