Град Скопје ги информира граѓаните дека се исцрпени средствата предвидени за субвенции за набавка на печки на пелети за 2019 година, односно до денеска до 15 часот се пристигнати околу 550 барања.
„Условот за завршување на јавниот повик на Град Скопје е исполнет, а барањата на граѓаните за надоместување на дел од трошоците за набавка на печки на пелети за 2019 година вработените во архивата на Град Скопје нема да ги примаат“, се наведува во соопштението на градските власти.
Со јавниот повик за субвенции за набавка на печки на пелети, Градот Скопје на граѓаните што имаат купено печки на пелети од 7 ноември 2018 година до денот на завршувањето на повикот ќе им надомести дел од трошоците за набавка на печката во висина од 70%, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство.
Повикот се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“, а градските власти информираат дека за неполни две години, во три акции, се доделени вкупно 572 субвенции за набавка на печки на пелети.