Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да продолжат нови рочишта за случаите „Титаник“ и „Тврдина 2“ на Специјалното јавно обвинителство.
Случајот за изборни нерегуларности „Титаник“ се наоѓа во доказна постапка. Процесот го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова од СЈО.
Минатото рочиште беше одложено за Судечкиот совет да одлучи по барањето на одбраната на обвинетите за прекинување на постапката до разрешување на состојбата со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која според нив е единствено надлежна да ги застапува предметите на СЈО.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Во „Тврдина 2“ првообвинет е екс-началникот на Петтата управа, Горан Грујовски, како и шест вработени во УБК. Минатата расправа беше одложена поради недоставената пресуда на Врховниот суд на Грција од страна на Министерството за правда на Северна Македонија.
На обвинетите во случајот „Тврдина 2“ им се суди за фалсификување службена исправа и за уништување службена документација поврзано со незаконското прислушување. Документацијата е поврзана со двата система од нелегалното прислушување, кои соред СЈО, биле уништени во текот на 2014 година.