25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Поднесено обвинение против скопјанец во чиј дом беше пронајдена марихуана

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

„Обвинетиот 30-годишен жител на Скопје на 7 август во домот во кој престојувал на улицата Киро Крстевски-Платник неовластено држел наркотична дрога марихуана во две полиетиленски кесички со вкупна нето-маса од 52,48 грама, зипер-кесичка со искршени и соголени гранчиња од растението канабис со вкупна нето-маса од 9,34 грама, 13 семки канабис, како и четири парчиња од искршена таблета со активна компонента бупренорфин. При претресот од страна на овластени службени лица била одземена и една дигитална вага со остатоци од марихуана“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител до судот достави и посебен предлог со кој побара на лицето да му биде продолжена претходно определената мерка притвор ценејќи дека и натаму постојат околности што укажуваат на реална опасност обвинетиот да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело што му се става на товар.