10. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

МТСП: На располагање 10,8 милиони евра за развој на социјални услуги во општините

Вкупно 10,8 милиони евра од Министерство за труд и социјална политика се ставени на располагање на општините за развој на социјални услуги на локално ниво за следните пет години. Министерството ги повикува општините да аплицираат за грантови наменети за непосредна социјална услуга, помош на индивидуа или семејство, домашна нега, лична асистенција, дневна нега, привремена грижа, мали групни домови, дневни центри и услуги за живеење со поддршка и други иновативни услуги во заедницата.

Со „Проектот за подобрување на социјалните услуги“ МТСП го развива и подобрува на квалитетот на социјалните услуги во локалните заедници, според потребите на граѓаните и пристапот до социјалните услуги наменети за ранливите групи на граѓани, постарите лица, лицата со попреченост и други лица. Целта е овие сервиси да ги развиваат локалните самоуправи или во партнерство со други даватели на услуги. Средствата од грантот ќе бидат наменети за воспоставување на услугата и финансирање на услугата по корисник по утврдена цена на услугата во наредните 12 месеци.

Во рамките на проектот обезбедена е техничка помош за општините за проценка на потребите и побарувањата за социјални услуги на локално ниво во периодот додека трае повикот за изразување на интерес.На општините кои ќе изразат интерес за добивање грант за развој на социјални услуги, ќе им се обезбеди директна поддршка за подготовка на документите за апликација, вклучувајќи ги и предлог-проектите од страна на експерт ангажиран во рамките проектот.

Повикот е веќе објавен на веб страницата на министерството за труд и социјална плитика www.mtsp.gov.mk, кадешто го има и формуларот за пројавување на интерес. Крајниот рок за изразување на интерес за добивање на грантовите е 31 октомври годинава.