25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шекеринска на Денот на АРМ: Ова е година на успех, кога се заокружува најуспешната етапа од нашиот пат кон НАТО

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на денешната централна свеченост во Охрид, по повод 18. Август – Денот на Армијата во своето обраќање упати пораки до Армијата, за сето она што беше направено изминатиот период, но и за сето она што следи во блиска иднина.

Министерката им се заблагодари на припадниците на Армијата, на војниците, подофицерите, офицерите за нивниот придонес кон безбедноста и суверенитетот на нашата држава, за нивниот придонес во процесот за приклучување кон Алијансата, за нивното учество во мировните мисии, помошта на граѓаните при елементарни непогоди.

„Наша задача е да ви обезбедиме најдобар тренинг, најдобра опрема и постојано внимание, да продолжиме да инвестираме во вас, во нашите луѓе и за нашите луѓе“, рече министерката Шекеринска. Додаде дека грижата за Армијата нема да прекине – две години по ред се зголемува буџетот за одбраната, две години по ред се зголемуваат платите, редовно се исплаќаат и јубилејните награди и дежурствата. Министерката порача дека по 16 години беа набавени нови инженериски машини, Армијата се подмлади за нови 500 професионални војници.

Во однос на идните чекори, министерката истакна дека државата и Армијата одбројува до полноправното членство во Алијансата, за што се прават и последните подготовки.

„Изработивме План за опремување и модернизација на вооружените сили, како дел од Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2019 – 2028. Ги менуваме клучните закони и ги воведуваме НАТО правилата“, истакна Шекеринска и дополни дека покрај зголемувањето на буџетите, беше зголемена и транспарентноста и отчетноста во работењето.

Споменувајќи ја неодмана завршената, кај нас, најголема воена вежба, „Одлучен удар“, министерката Шекеринска рече дека Армијата покажа дека е кредибилен, организиран и посветен партнер, дека е НАТО.
Министерката Шекеринска, овој голем ден за Армијата го посвети на нашите припадници кои во моментов се илјадници киломтри од дома, во мировните мисии, особено во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

„Во Кабул е речиси 1 попладне. Ова за нашите војници и офицери е работен ден, со работни задачи и многу ризици, очекувани и неочекувани, опасни и уште поопасни. Оваа прослава е наша прослава, но за мене, пред се, ова е нивен ден“, рече министерката.

Министерката и честиташе на новопоставениот аѓутант на Претседателот, потполковник Блажевска, прва – жена аѓутант на врховниот командант и порача дека армиската професија е професија и за жените кои секојдневно докажуваат дека можат да се справат со сите задачи и одговорности.

Во обраќањето пред Претседателот Стево Пендаровски, началникот на Генералштабот, генералот Ѓурчиновски и останатите високи гости, министерката Шекеринска порача – зад нас е година на успех, но очекувам идната да е уште подобра и уште поуспешна.

Претседателот и врховен командант, Пендаровски, истакна дека реформите во одбраната и безбедноста се постојан процес и дека тие ќе продолжат и по членството во НАТО.

Обраќајќи им се на припадниците на Армијата, претседателот Пендаровски рече дека „како врховен командант ќе инсистирам на подобрување на вашиот животен и професионален стандард и како што вие одговорно, посветено и професионално го исполнувате вашиот дел од обврските, така и ние мора да ја исполниме нашата обврска кон вас.“

Претседателот, на Сквадронот на транспортни хеликоптери од Воздухопловната бригада на Здружената оперативна команда и на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје им додели медали за воени заслуги.