10. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Димитров: ,,Рекет” е раскрсница – едниот пат води кон иднина, другиот кон бездна

Дискредитацијата на СЈО преку аферата ,,Рекет” е со цел да и се избега на правдата, смета министерот за надворешни работи Никола Димитров. Тој преку статус на Фејсбук порача дека е потребно расчистување и правда за ,,Рекет”, но и за сите криминали во снимките и вон снимките. ,,Рекет” всушност е раскрсница. Едниот пат води кон иднина, другиот пат кон бездна. Можеби дојде време да се преброиме, порача Димитров.

https://www.facebook.com/NDimitrovMK/posts/2466504306896307

Во продолжение го пренесуваме интегрално статусот на Димитров, објавен на социјалната мрежа Фејсбук:

,,Нападот на Собранието, најцрниот ден на македонската демократија, беше за да се избегне одговорност за снимките како индиции за масовна злоупотреба и планина од криминал. Да и’ се избега на правдата. Бојкотот на референдумот имаше иста цел. Да се факторизираат пратениците, за да се тргува со одговорноста. Да и’ се избега на правдата. Дискредитацијата на СЈО преку аферата ,,Рекет” повторно е на истата линија. Да и’ се избега на правдата, напаѓајќи ја институцијата специјално формирана токму да испорача правда. До тука имаме континуитет на политичка агенда на неказнивост или со правен израз – повторување на (не)делото.

Но, тоа што криминалот сака да го дискредитира својот гонител не треба да не’ чуди. Зачудува до бес што некој изгледа дозволил жедта за правда да биде искористена за да се згасне жедта за пари. Можното соучесништво на обвинител од оваа институција во трговијата со одговорноста, максимално ја зголемува потребата од целосно и одлучно расчистување со сите валканици што излегоа на виделина, кон кого и да водат. Иако целата приказна згрозува до апатија, ако тој кој требало да го гони криминалот, се ставил на страната на криминалците, тоа мора да биде само дополнителен мотив во борбата за правда, а не дигање раце. Расчистување и правда и за ,,Рекет”, но и за сите криминали во снимките и вон снимките. ,,Рекет” всушност е раскрсница. Едниот пат води кон иднина, другиот пат кон бездна. Можеби дојде време да се преброиме.

Од сето ова има само еден заклучок: продолжувањето по патот на одговорноста за сите е највисок државен интерес! Влогот не може да биде поголем. Да се биде патриот значи да се биде борец за правда. Особено денес.

ПС. Да бидеме начисто, бидејќи има премногу ,,сите”: јас ниту сум имал средба, ниту фотографија, а уште помалку меморандум со Боки 13. Ова се разбира само по себе не е ни за фалење де, освен што изгледа сум имал правилно претчувство што пропуштам”, напиша Димитров.