19. јануари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шекеринска – Најт: Вермонт е круна на пријателството и соработката со НАТО и САД

Соработката помеѓу македонската армија и Националната гарда на Вермонт претставува круна на односите помеѓу Северна Македонија и САД заклучија на денешната средба министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и командантот на Националната гарда на Вермонт, аѓутант-генерал Грегори Најт, кој престојува во неколкудневна посета на земјава.

Посетата на командантот на националната гарда на Вермонт се случува во период во кој армијата го чествува својот ден – 18 Август, во година во која се слави 25-годишнина од почетокот на соработката помеѓу двете вооружени сили, но и година во која земјава очекува полноправното членство во НАТО.

Како што информираат од ресорното министерство, Шекеринска на средбата изразила задоволство од исклучително развиената соработка.

„По четврт век фактите и бројките говорат за многу блиско и многу конструктивно партнерство. Во овој 25-годишен период речиси 5.000 припадници на нашата армија и на Министерството за одбрана поминаа низ обуки, настава и консултации спроведени со Националната гарда на Вермонт. Само оваа година имаме 16 заеднички активности во делот на човечки ресурси, во делот на воената медицина и во делот кој што е многу важен за нас како држава, а тоа е справувањето со природните катастрофи“, подвлекла министерката.

Командантот на Националната гарда на Вермонт, истакнал дека се воодушевува на одличноста, на работната етика и позитивните карактеристики кои ги има видено во припадниците на македонската армија.

„И покрај тоа што во овие 25 години сме направиле многу, јас го споделувам ентузијазмот на амбасадорката Брнс за идните планови и идните активности коишто ги имаме предвид. Ние сме тука и секогаш даваме поддршка во вашето членство во НАТО и со нетрпение очекуваме да ве видиме како 30. членка во тој сојуз на еднакви. Јас во мојата улога како аѓутант-генерал во следниот период планирам на еден начин да го подигнам нивото на соработка и да го донесам на едно следно ниво“, истакнал Најт додавајќи дека соработката ќе се развива и во цивилниот дел.