Како на тацна имаме сервиран криминален октопод, разголен и размонтиран речиси до последната ќелија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во допис до медиумите, изнесувајќи ги своите гледишта за случајот „Рекет“.
„Вистината е дека владата под маската за борба против криминал создаде и штити криминал. Таквото толерирање на криминал веќе прераснува и во навреда на интелигенцијата на граѓаните. Симплифицирано ова би значело, Катица, која е пуленот на Заев, треба да почекаме да се врати од “боледувањето” кое случајно го врви на море кај јужниот сосед, со надеж дека можеби и ќе залади за да се одоброволи да даде изјава за нејзиното учество во милионскиот рекет“, вели Мицкоски.
Тој додава дека Кики и Фрики се заштитените од власта, но премиерот Зоран Заев ако треба и би жртвувал некој само за да се спаси себе си.
Знаеме дека ова не е изолиран случај, додава Мицкоски, туку случајот Рекет е само камче од системот на криминал и корупција кој владее во Република Македонија.
„Македонија е трета година под власт на Заев, а е секој ден се подалеку од портите на ЕУ. Сега е совршено јасно зошто нема датум за преговори, затоа што во ЕУ првите луѓе на владите не произведуваат криминал, тие се борат против него“, додава лидерот на опозициската партија.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...