25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Костадинов: Целта на ВМРО-ДПМНЕ е да го исполитизира пописот

Владејачката партија оцени дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ пописот да се одржи во 2021 година е лицемерие и обид за да внесат политички калкулации во реализацијата на самата статистика операција.

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, одговарајќи на новинарско прашање изјави дека лани бил објавен Законот за пописот, а оттогаш до денес ВМРО-ДПМНЕ немала ниту една забелешка. Како што рече Костадинов, тоа се сменило сега кога законот влегол во собраниска процедура, па наеднаш се појавуваат нејаснотии и дилеми.

„Јас сум апсолутно убеден и сум оптимист дека доколку навистина имаат конструктивни предлози треба да се даде шанса во постапка на дијалог, во отворена постапка, и доколку има конструктивни предлози, би биле прифатливи. Но, апсолутно, мораме од старт, сите политички чинители, да ја тргнеме политиката од спроведувањето на пописот како статистичко-логистичка операција којашто е многу важна за напредокот на државата, секако и за граѓаните. Не смееме да дозволиме, како што реков и во изјавата, 16 години да бидеме единствена држава во Европа којашто нема спроведено попис“, рече Костадинов.

Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за примена на посебна комисија за попис, Костадинов рече дека би сакал да даде шанса на дијалогот и на разговорите, а секако, доколку има навистина конструктивни предлози од страна на опозицијата, не значи дека не може да бидат истите прифатени. Според Костадинов, целта на ВМРО-ДПМНЕ е да го исполитизира целиот тој процес.