25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

По 30.000 евра за брачните парови што ќе имаат три деца

Унгарската влада им нуди на брачните двојки заем од 10 милиони форинти (околу 30.590 €), кој не мора да го вратат ако имаат три деца.

Парите се достапни преку шема што почна на почетокот на јули, а двојката може да го потроши заемот на што сака и истиот е без камата.

Како и многу други земји членки на ЕУ, Унгарија страда од недостиг на работна сила бидејќи работниците ја напуштаат земјата во потрага по повисоки плати.

Премиерот Виктор Орбан и неговата десничарска партија Фидес сакаат да го охрабрат растот на населението преку семејствата наместо преку масовната имиграција.

„Не ни требаат броеви, туку унгарски деца“, рече тој во своето обраќање во февруари.

Од канцеларијата за меѓународни комуникации на унгарската влада велат дека луѓето во земјата сакаат Унгарија да остане унгарска земја со добри услови за семејствата.

Додека просечната стапка на плодност во ЕУ е 1,59, Унгарија заостанува со 1,49 деца по жена, според „Еуростат“.

Заемот претставува дел од Акциониот план за заштита на семејството на Орбан, со кој се издвојуваат 4,8% од БДП на програми за поддршка на семејствата и поттикнување на наталитетот.

Другите точки на планот вклучуваат програма за заем за поддршка на набавки во домовите, субвенции за автомобили за големи семејства и доживотно ослободување од персонален данок на доход за жени кои израснале најмалку четири деца.

Двојките мора да исполнуваат одредени критериуми за да ги добијат средствата. Тие мора да се во брак, на барем еден од партнерите тоа да му е прв брак, сопругата да биде на возраст од 18 до 40 години и барем еден еден од нив да плаќал социјални придонеси во Унгарија во период од 180 дена.

За паровите кои ќе добијат едно дете во петгодишна временска рамка, каматата на нивниот заем се укинува засекогаш и месечните отплати се одложуваат за три години.

Раѓањето на второ дете им овозможува дополнителна тригодишна пауза на отплата, а сите пари што ги отплатиле им се враќаат. Долгот им се отпишува по раѓањето на трето дете.

Ако парот или не успее да роди дете за пет години или се разведе, тие мора да го вратат сето она што го позајмиле за четири месеци (120 дена). Тие се ослободени од враќање на заемот ако обезбедат лекарско уверение зошто немале дете.