24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Мицкоски до Хан: Сериозните скандали го рушат кредибилитетот на земјава и ја поткопуваат правната држава

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се сретна со комесарот за европска, соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Јоханес Хан. На средбата се разговарало за актуелната политичка состојба, закочените европски интеграции и политичкиот дијалог во земјава.

Претседателот Мицкоски изрази загриженост поради застојот во европските интеграции и недобивањето датум за преговори. Тој ја истакна и загриженоста поради отсуството на волја кај Владата во справувањето со растечкиот криминал, скандалите и високата корупција, која е присутна во највисоките ешалони на власта.

„Сериозните скандали го рушат кредибилитетот на земјава и ја поткопуваат правната држава загрозувајќи ја и европската иднина“, повлече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека немањето волја за справување со корупцијата и сомнежите за криминал се гледа и во предлог-законот на премиерот Заев за организирање на обвинителството, каде наместо непристрасна борба против корупцијата се нудат решенија кои ќе бидат алатка за политички притисоци и заштита на криминалот. Мицкоски ги истакна забелешките на предлог-законот за обвинителство, посочувајќи дека ниту еден криминал не смее да остане имун на правдата и дека на тој план не се потребни компромиси.

Во однос на европската перспектива на земјава, Мицкоски посочи дека граѓаните не треба да бидат казнети поради лошите политики на неодговорната власт и затоа ВМРО-ДПМНЕ смета дека е потребно да се додели датум за преговори со Европската Унија, што би било и дополнителен механизам за контрола на власта.

Воедно Мицкоски истакна дека услов за нова лидерска средба и дијалог со власта за повеќе прашања е одредување датум за предвремени парламентарни избори, како начин за враќање на процесите на вистинскиот правец и обезбедување европска иднина за Република Македонија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ги цени напорите и заложбите на Европската Унија за напредок на земјава и нејзиното инсистирање за реформи кои ќе бидат за благосостојба на граѓаните на Република Македонија. Тој посочи дека европската иднина на државата е единствената алтернатива за вистински напредок и низ еден партнерски однос со Унијата економски и политички да се унапредува нашето општество.