25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Доделени 2,8 милиони евра за капитални проекти во 9 општини

Преку Проектот за подобрување на општински услуги – МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка, доделени се средства во износ од 176,9 милиони денари (или 2,8 милиони евра) за капитални проекти и подобрување на инфраструктурата во девет македонски општини, односно Чучер Сандево, Врапчиште, Боговиње, Тетово, Делчево, Кичево, Шуто Оризари, Македонски брод и Демир Хисар.

Денеска во Министерството за финансии беа потпишани договори со дел од овие општини во присуство на заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, директорот на Светска банка за Северна Македонија, Марко Мантованели, и градоначалниците.

Со средствата предвидена е реконструкција на пат во Чучер Сандево, изградба на две филтер-станици за вода за пиење во општина Врапчиште, набавка на механизација за јавното комунално претпријатие за општина Боговиње, изградба на булевар во Тетово, изградба на придружни и услужни објекти на градските гробишта во Делчево, изведба на кружни текови во Кичево, реконструкција на парк во Македонски брод, изградба на детско игралиште во Шуто Оризари и набавка на противпожарно возило во Демир Хисар.

Дел од средствата се заеми по исклучително ниска и поволна камата, додека дел се грант-средства.

„Овие проекти ќе опслужуваат над 160.000 граѓани, во 9 различни општини – како во урбани, така и во рурални предели во земјава, како во источниот и централниот, така и во западниот регион. Целта на МСИП е преку финансиска поддршка на локалните проекти да се подобрат општинските услуги и на тој начин да се подобри стандардот за живеење во општините, односно да се обезбедат подобри услови за граѓаните“, рече заменик-министерот за финансии, Ширет Елези.

Директорот на Светска банка за земјава, Марко Мантованели, рече дека преку проектот повеќе од 23.350 домаќинства досега се поврзани на водоводна мрежа, повеќе од половина милион луѓе имаат пристап до колекторски систем за собирање на цврст отпад, а рехабилитирани се и 150 километри локални патишта.