23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска: Вработените во градинките добиваат за 16% повисоки плати

Почнувајќи од јунската плата којашто на поголемиот дел од вработените веќе им е исплатена, стручниот кадар во градинките доби зголемување во просек од 16% што е околу 3.000 денари во нето износ по вработен. Во септември годинава вработените во детската заштита ќе добијат и уште едно зголемување од 5%. Со тоа вработените во детските градинки добиваат покачување на платите за 21%, коешто е најголемо до сега, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска по средбата со вработените од градинките во Клуб на пратеници, кадешто беше презентиран новиот систем за плати.

Таа информира дека нето платата на воспитувач со високо образование се зголемува за 16,26% односно од 20.546 денари на 23.731 денар, а со пресметан минат труд за вработен со 15 години стаж ќе изнесува 25.511 денари. Зголемувањето на платите се прави согласно Законот за вработените во јавниот сектор и со него ќе бидат опфати 3.138 вработени од вкупно 4.577 вработени односно 68,5%.

Во оваа група влегуваат воспитувачи, негователи, стручни работници и стручни соработници-педагог, психолог, логопед, дефектолог и други за вршење на работи поврзани со дејноста згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст. Истовремено се зголемуваат и платите на помошно техничкиот пероснал во градинките и ова покачување е утврдено со колективниот договор.

За прв пат се воведува кариерен развој на воспитувачите/ките, но и систем на плати за директорите/ките на градинките чија висина ќе варира од капациетот на бројот на децата.