Премиерот Заев имаше состанок со Управниот одбор на ЗЕЛС, придружуван од советници од неговиот Кабинет, задолжени за ресорите коишто се важни за локалната самоуправа. На средбата се разменети мислења и ставови со цел натамошен квалитетен развој и имплементација на процесот на децентрализација и со тоа поквалитетни услуги за граѓаните на локално ниво.
На средбата е утврден заклучок, за конкретна временска рамка за подготовка на државата за следната фаза за институционална и финансиска децентрализација.
Постигната е согласност од 1 јануари 2020 година да започне фазно пренесување на нови надлежности од централно на локално ниво во областите каде ќе биде оценето дека е тоа можно и потребно. При тоа, со новиот Буџет за 2020 година ќе бидат земени предвид и финансиските потреби на општините, за коишто треба и има можност да помогне државата.
Во таа насока договорено е да се формираат работни групи со членови од централната и локалната власт и уште во текот на летото да се почне со утврдување на областите од коишто ќе се децентрализираат надлежности.
„Владата е подготвена час поскоро да пренесе нови надлежности од централно на локално ниво. Со префрлените 51 милион евра за покривање на долговите на општините покажавме како Влада дека сме фокусирани да обезбедиме функционални локални заедници. Средствата што се предвидени од централно ниво за патишта и за водоводи, дополнително ќе им олеснат на општините, средствата од нивните буџети за овие намени, да ги насочат кон други потреби. Општините можат да помогнат многу во економскиот развој. Потребна е креативност во обезбедувањето средства преку проекти и рационалност каде што е можно. А интеграциите на нашата држава и отворањето на преговорите со ЕУ ќе значат и достапност на европски фондови и повеќе пари и за инфраструктурата, за животната средина, за проекти во социјалната сфера, образованието, културата. Владата подава рака за вистинска функционална децентрализација, потребно е пофункционално и попосветено решавање на работите“, рече Заев.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Петре Шилегов ги соопшти клучните предизвици со коишто се соочуваат општините и можните решенија што ги предлага ЗЕЛС. Тој рече дека за ЗЕЛС е прифатливо општините да влезат оперативно во процесот на децентрализација, да добијат повеќе финансиски средства, но и да преземат повеќе надлежности.
На состанокот беа разгледани можностите за финансирање преку одделување повеќе средства за општините од даноците, капацитетите за преземање нови надлежности на општинско и на регионално ниво, со што ќе се слеваат и по тие основи повеќе пари во локалните заедници, а и граѓаните ќе добиваат побрзи, поквалитетни и поефикасни услуги.