24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Богоевски: Сега немам пратеничка функција, органите на прогонот да си ја завршат работата

Павле Богоевски, кој си даде оставка од функцијата пратеник, по аферата со наводно нелегално нарачување масло од канабис, за болен член од семејството, во емисијата „Само вистина“ вели дека сега нема пратенички имунитет и дека очекува институциите да го истражат случајот.

– „Јас сум човек без имунитет, без пратеничка функција, ги повикувам органите на прогонот да си ја завршат работата“, рече Богоевски.

За Богоевски, кој е претседател на Комисијата, беше објавен компромитирачки телефонски разговор, за што од опозицијата беше обвинет дека го крши етичкиот кодекс и е недостоен за вршење на пратеничката функција. Независниот пратеник, кој е дел од пратеничката група на СДСМ, по ова најави дека ќе поднесе оставка, но откако ќе гласа за одземање на мандатот на поранешниот премиер Груевски.

Премиерот Зоран Заев ја поздрави одлуката на пратеникот да поднесе оставка на функцијата и смета дека е храбра и во функција на понесување одговорност за етички работи за кои граѓаните очекуваат политичарите да повлечат чекор во таа насока.

-Многу е важно секој од функционерите каква одговорност носи во делот на неговото извршување на обврските пред граѓаните, пред институцијата и државата. Секогаш кога одреден дел од неговиот приватен живот нема влијание врз извршувањето на работите сметам дека е добро и тоа го искоментирав. Но, тоа е негово право на лична и морална одлука и јас ја поздравувам оставката, рече Заев.