По повод 14 јуни, Светскиот Ден на крводарителството, Министерството за здравство упати повик до граѓаните и во иднина да ја покажуваат својата солидарност и човечност грижејќи се едни за други.
Како што истакуваат од ресорното министерство, дарувањето крв спасува животи и го подобрува здравјето, а е доброволно, анонимно и бесплатно. Секоја здрава личност на возраст од 18-65 години може да биде крводарител. Крв може да дарува и лице под 18 години со дозвола од родителите или законскиот застапник, односно старателот.
„Граѓаните кои сакаат да донираат крв, тоа можат да го направат во Институтот за трансфузиона медицина, секој работен ден од 08:00 до 18:00 часот и во сабота од 08:00 до 14:00 часот. Во Даре Џамбаз, може да се дарува крв секој работен ден од 10:00 до 17:00 часот, а во сабота од 09:00 до 14:00 часот. Дарителите можат да даруваат крв и на акциите организирани со мобилни екипи, чиј распоред се објавува на веб-страницата на Институтот“, објаснуваат од министерството за здравство.
Информации за распоредот на крводарителски акции сите заинтересирани можат да добијат и на телефонскиот број (02) 3226-923, локал 125 при Институтот за трансфузиона медицина.
Службите за трансфузиона медицина се наоѓаат во кругот на општите и клиничките болници низ градовите во државата, така што граѓаните може да даруваат крв и на тие места.
Министерството за здравство, секоја година изготвува посебна програма за организирање и унапредување на крводарителството во државата. За 2019 програмата изнесува вкупно 25 милиони денари и зголемена е за 10 милиони денари во однос на минатата година.