24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ЗЛС: Неопходно е законско дефинирање на платите во здравството

Во однос на нацрт-законот за докторска дејност, Здружението на лекари и специјализанти (ЗЛС) смета дека оваа законска регулатива има особена важност за обезбедување добра, сигурна и квалитетна иднина на македонското здравство. Затоа, велат од таму, истиот не смее да се дозволи да биде усвоен парцијално без да биде вклучена најважната придобивка за докторите на медицина, а тоа е законското дефинирање на основната плата.

„Сметаме дека основната нето-плата треба да се утврди така што просечната плата во државата ќе се помножи со коефициент 2.5 за општи доктори, со коефициент 2.7 за доктори специјализанти, со коефициент 3.5 за доктори специјалисти и коефициент 3.8 за доктори супспецијалисти“, велат од ЗЛС.

Во овој круцијален момент на речиси незапирлива миграција на лекарите, а пред сè на младите лекари, сметаат од Здружението, една од најприоритетните мерки коишто треба да се преземат е обезбедувањето финансиска стабилност на докторската фела.

„Само со целосно и посветено залагање на здравствените власти за подигање на достоинството и сатисфакцијата кај докторите може да се направи вистински исчекор во реформите за кои сите несебично се залагаме: реформи кои ќе обезбедат долгорочна гаранција и стабилна основа за идни подобрувања, реформи кои ќе ја намалат миграцијата и ќе обезбедат цврст механизам за презервација на веќе разнишаниот здравствен систем со кој се соочуваат не само здраствените работници, туку и пациентите“, велат од ЗЛС.

Според нив, игнорирањето на ваквото решение е контрапродуктивно и ќе води кон понатамошна реална криза во здравствениот систем. Од таму истакнуваат дека носењето закон за докторска дејност со целно пропуштање на членот за определување на основната плата на лекарите ќе ја загуби својата суштина и свесно ќе ги остави на цедило главните протагонисти во здравствениот систем – докторите.