4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

МНР: Одбиените кандидати за дипломати имале непотполна или грешна документација

Министерството за надворешни работи соопшти дека на конкурсот за вработување дипломати објавен во декември минатата година имало пријавено одлични кандидати, но тие не биле избрани затоа што имале непотполна или грешна документација. Ваквото соопштение следува откако неколку кандидати кои се пријавиле на конкурсот не биле одбрани, иако тврдат дека имаат соодветно образование и квалификации. Одбиените кандидати се сомневаат дека не биле примени со цел да се вработат други кандидати поврзани со партија. Министерот Никола Димитров, пак, вели дека зад целата кампања во која МНР се обвинува дека вработува партиски кадри стои ВМРО-ДПМНЕ.

„Министерството потсетува дека потребните документи, како потврда за исполнетост на општите и посебните услови, согласно Законот за административни службеници, не се невообичаени, и истите се бараат во постапките за вработување во кој било државен орган. За жал, во фазата на административната селекција увидовме дека има одлични кандидати со непотполна или грешна документација, иако на интернет-страницата на Агенцијата за администрација има насоки кои документи се потребни и како треба истите да се подготват“, велат од МНР.

Од таму наведуваат дека одлучувачка улога при избор на кандидатите има Агенцијата за администрација. Од Министерството признаваат дека законската рамка за вработување е комплицирана и дека не е соодветна за избор на најквалитетни кандидати и поради тоа МНР подготвува ново законско решение.

„Во однос на првата фаза на постапката по конкурсот за вработување од 29.12.2018 во Министерството за надворешни работи, укажуваме дека предметната постапка се спроведува согласно Законот за административни службеници и истата ја води Агенцијата за администрација. Иако МНР учествува во сите фази на постапката, одлучувачка улога има Агенцијата. МНР е должно да го почитува Законот за административни службеници. Министерството согледува дека вака поставената законска рамка за вработување во МНР, преку Агенцијата за администрација, е комплицирана и не е соодветна за избор на најквалитетните кандидати за специфичните потреби на дипломатската служба. МНР подготвува нов Закон за надворешни работи, кој треба да биде lex specialis, и со кој се очекува да се надминат, меѓу другото, и проблемите кои произлегуваат од примената на Законот за административни службеници за регулирање на постапката за вработување во Министерството за надворешни работи, и што треба да овозможи Министерството самостојно да ја креира политиката и постапката за вработување во МНР“, се вели во соопштението.

Министерството наведува дека од јуни 2017 година не е вработен ниту еден дипломат. „Тргнувајќи од потребите на МНР за континуирано обновување на човечкиот потенцијал со млади, високо и соодветно едуцирани лица, МНР го отвори овој конкурс токму со таква цел – на најтранспарентен начин, но и со почитување на постојната законска постапка да бидат избрани најдобрите од пријавените кандидати“, велат од таму.

Министерот Димитров смета дека зад целата кампања во која МНР се обвинува дека вработува партиски кадри стои опозицијата.

„Болеста се жали на лекувањето. Човек не смее да престане со растерувањето на маглата. Во спротивно, ноќта може да се преправи во ден, и покрај темнилата. Здружението што се занимава со оваа црна алхемија, во улога на опозициска партија, денес пред МНР јавно обвинила за партизација, користејќи го актуелниот конкурс за вработување млади дипломати“, напиша Димитров на „Фејсбук“ и најави дека ќе одржи прес-конеференција кога ќе се врати во земјава.