17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

(Видео) Јавниот повик за фотоволтаици ќе биде објавен в понеделник

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши, и претставничката на Европската банка за обнова и развој, Анка Јоана Јонеску, на прес-конференција во Владата извршија промоција на првиот јавен повик за изградба на фотонапонски електроцентрали на државно земјиште по принцип на премиум.

Јавниот повик ќе биде објавен на 10 јуни, се однесува на изградба на фотонапонски електроцентрали со инсталирана моќност од 35 мегавати, а сите заинтересирани инвеститори ќе може да ја подигнат тендерската документација и да аплицираат во рок од 60 дена по што ќе биде извршено јавно отворање на доставените понуди.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, потенцира дека Владата е силно посветена на зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори и дека со донесувањето на Законот за енергетиката се отвора голем простор за инвестиции во обновливи извори, особено во фотонапонски електрани.

„Интенцијата на Владата преку овој повик е да им се излезе во пресрет на заинтересираните инвеститори, да се олеснат и да се скратат административните процедури. Владата го определи земјиштето на кое ќе се градат фотонапонските електрани, ги презеде административните обврски за пренамена и урбанизација на земјиштето, а во име на сите инвеститори преговараше за цената на приклучок кон дистрибутивниот систем. На овој начин процедурите, кои би траеле до една и пол година, ќе се скратат на половина година, со што ќе се забрза процесот на изградба. Покрај критериумите од Законот за јавните набавки, главниот критериум што ќе треба да го запазат инвеститорите е висината на премиум, односно инвеститорите ќе се натпреваруваат на аукција, со негативно поддавање за висината на понудениот премиум“, нагласи Анѓушев, при што додаде дека очекува голем интерес на јавниот повик и нагласи дека ова е првиот чекор кон изградба на фотонапонски електрани со инсталирана моќност до 200 MW.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, потенцира дека се донесени сите подзаконски акти во врска со Законот за енергетиката и на тој начин е отворено ново поглавје во енергетскиот сектор во Република Северна Македонија.

„Им овозможуваме на приватните инвеститори да реализираат мултимилионски проекти во енергетиката, а воедно на најпрактичен и транспарентен начин да ги искористиме природните ресурси што ги поседуваме и да создаваме електрична енергија од сонце, ветер и од вода. Освен овој јавен повик за изградба на фотонапонски електрани со инсталирана моќност од 35 MW, во финална фаза на евалуација е и тендерска документација за проектот за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј, со инсталирана моќност од 10 MW, која очекуваме да почне со градба набргу. Планираме континуирано да продолжиме со изградба и на други нови фотонапонски електрани, во близина на РЕК ‘Битола’ и ТЕЦ ‘Осломеј’. Разликата помеѓу минатато и сегашноста е што доколку споредиме дека ТЕЦ ‘Осломеј’ има инсталирана моќност од 125 MW, во иднина само со произодство на електрична енергија од фотонапонски електрани ќе имаме двојно повисоко производство, кое ќе придонесе за намалување на загадувањето и зголемување на производство на електрична енергија“, потенцира Бектеши.

Европската банка за обнова и развој обезбеди финансиски средства за техничка помош за изготвување на тендерската документација на овој повик со цел да се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори

„Техничката помош, финансирана од ЕБОР, е фокусирана на подготовка на второстепеното законодавство и регулаторната рамка, која беше неопходна да се спроведе конкурентна тендерска постапка во согласност со Законот за енергетиката за да ѝ се помогне на Република Северна Македонија да се достигнат поставените цели за производство на електрична енергија од обновливи извори во ЕУ. Овој јавен повик ќе биде спроведен на транспарентен начин во согласност со најдобрите познати преземени практики“, подвлече Јонеску.

На јавниот повик за изградба на фотонапонски електрани заинтересираните инвеститори ќе може да аплицираат за изградба на две фотонапонски електрани од по 10 мегавати (една во месноста Азамбегово – Свети Николе и една во месноста Манастирец – Македонски Брод), една електрана со инсталирана моќност од 5 мегавати, две електрани од по 2 мегавати и 6 електрани од по еден мегават (лоцирани во Азамбегово).