11.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Судот му го врати пасошот на Камчев, од СЈО го забележале за време на ТВ преносот од Келн

Македонскиот бизнисмен Орце Камчев, осомничен за случајот “Империја” бил забележан додека траел директниот пренос од финалето на фајнал фор турнирот во Келн, Германија, помеѓу Вардар и Веспрем.

До пред еден месец, Камчев не можеше да ја напушти државата бидејќи му беше задржан пасошот, но тој побарал времено да му биде вратен патниот документ. По барањето, судија од Кривичниот суд одлучил дека бизнисменот може повторно да патува.

Специјалното јавно обвинителство дало дозвола за времено враќање на пасошот на Орце, но дека тоа се случило, најверојатно дознале кога го виделе за време на директниот пренос во публика и на подиумот на ракометниот меч во Келн.

“До денеска од Основниот суд Скопје 1 го немаме добиено решението дека судија на претходна постапка времено му го вратил пасошот на осомничениот. Патем, остануваат мерките за безбедност против него”, велат од СЈО за 1ТВ.

Оттаму, ни СЈО не знае кога му бил вратен пасошот на Камчев, ниту до кога тој ќе може слободно да шета во странство. Од судот не се изјаснети причините за враќањето на патната исправа, ниту кога Камчев ќе го врати пасошот назад.

Орце Камчев до неодамна беше во куќен притвор, а во март со одлука на Врховниот суд беше пуштен да се брани од слобода. Бизнисменот беше еден од приведените по истрагата на СЈО наречена „Империја“ поврзана со перење пари, злоупотреба на службата и повластување на доверители.

извор/фото 1ТВ

Спонзорирано: