24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Нацев: Власта ја оддалечува земјата од почетокот на преговорите со ЕУ

Критиките на Европската комисија се јасни и прецизни и укажуваат на фактот дека оваа Власта наместо да работи кон подобрувања на полето на безбедноста, борбата со криминалот и корупцијата, таа ги поттикнува овие негативни појави и со тоа ја оддалечува Република Македонија од добивање на датум за почеток на преговорите, изјави на прес-конференција, Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека со власта на Заев, Македонија тоне во корупција и криминал и тоа не го кажуваат само ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните, туку истото го нотирале Европската комисија и релевантните меѓународни извори.

„Во извештајот на Комисијата јасно е посочено дека Корупцијата е присутна во многу области и останува причина за загриженост. Тоа значи дека оваа власт не направила ниту чекор кон реформи и нема никаква реална борба против корупцијата. Напротив со оваа оценка се потврдуваат нашите ставови дека токму власта е генератор на корупцијата во Македонија“, изјави Нацев.

Дополнително, велат од ВМРО-ДПМНЕ, во извештајот на Европската комисија се нотира дека постои сериозен проблем со честата појава на шверц на северната граница проблем кој мора дополнително да се третира.

Нацев додаде дека Извештајот на Европската комисија се забележува и за надзорот и контролата над работата на разузнавачки служби, што говори дека оваа власт не ја уверила Европската Комисија дека на ова поле ќе се води сериозна кадровска политика базирана на експертски решенија, а не на партиски кадри.

„Токму во тој правец по иницијатива на ВМРО ДПМНЕ ќе се пристапи кон изработка и усвојување на закон за собраниски надзорни тела со што надзорот на службите дополнително ќе се зголеми. Дополнително ќе работиме да се изработи и усвои Закон за совет за национална безбедност што ќе е прв пат во историја на нашата држава да се усвои ваков закон за оваа значајна уставна институција, како и на изработка на нов закон за Агенцијата за разузнавање“, рече Нацев.

Тој оцени дека европеизација на Македонија е невозможна со Заев на чело на власта.