Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Пушачите имаат 22 пати поголема веројатност да добијат рак на белите дробови од непушачите

Под мотото „Не дозволувајте тутунот да ви го одземе здивот, одберете здравје, а не тутун!“, Светската здравствена организација (СЗО) и нејзините глобални партнери денеска го одбележуваат Светскиот ден против пушењето. На оваа манифестација се приклучуваат и голем број професионални здруженија, фондации и организации, со цел да се подигне свеста на луѓето, но и на државните институции за штетното и смртоносно влијание на консумирањето тутун и тутунски производи и на пасивното пушење врз здравјето на луѓето.

По повод Светскиот ден против пушењето, Македонското респираторно здружение испрати отворено писмо во кое го изнесува својот став во врска со штетните последици на пушењето по индивидуалното и колективното здравје не граѓаните, како и апелот до властите и институциите на државата за интензивирање на мерките за справување со проблемот на пушење во Македонија.

Писмото го пренесуваме интегрално:

Пушењето е најголемиот тивок убиец во светот!

8 милиони активни пушачи и 1 милион пасивни пушачи, од кои огромен процент деца, го губат својот живот поради болести предизвикани од пушење. Чадот од цигари содржи околу 7000 штетни материи, од кои неколку стотици директно се поврзуваат со појава на рак. Тутунот е причина за повеќе од 15 хронични болести и десетина видови карциноми. Пушачите имаат 22 пати поголема веројатност да добијат рак на бели дробови, и двојно поголем ризик да добијат туберкулоза од непушачите. Децата на мајките пушачи се раѓаат со намалена родилна тежина, послабо развиени бели дробови и се склони кон астма, хронични болести, малформации, како и нагла смрт во првата година од животот. Околу 165.000 деца во светот умираат пред да навршат 5-годишна возраст поради респираторни инфекции провоцирани од пасивно пушење. Чадот од тутун е еден од најважните фактори кои придонесуваат кон општото аерозагадување, особено кон загадувањето на воздухот во затворените простории.
Инвалидноста и губитокот на животи поради пушењето предизвикува бројни лични и семејни трагедии, но не помалку важно, претставува и огромен социјален и економски товар за општеството кое е соочено со последиците од оваа тешка зависност.

За нормален, здрав и активен живот неопходни се здрави бели дробови, поради што овогодишната тема на Светскиот ден против пушење е „Тутунот и белодробното здравје“.

Македонското респираторно здружение е посветено на зачувување на респираторното и општото здравје на населението и активно работи на справување со проблемот на пушењето во Македонија. Во последните години организиравме едукација на доктори за помош при одвикнување од пушење, се вклучивме во работата на европските асоцијации за борба против пушењето, ги преведовме на македонски јазик современите водичи за одвикнување од пушење и изготвивме акредитирана елктронска едукативна прграма, достапна на сите здравствени работници заинтересирани да им помогнат на пушачите да се ослободат од оваа зависност.
Свесни сме дека едукацијата на здравствените работници за штетноста на тутунот и за методите за одвикнување од пушење сами по себе не се доволни и дека за комплетно решавање на проблемот потребно е делување на ниво на сите сегменти на општеството и активно инволвирање на сите институции на државата. Контролата на тутунот мора да биде приоритет на сите влади и држави во светот, поради што го упатуваме овој апел до сите релевантни државни, професионални и институционални фактори и бараме

1.Да се започне со почитување на ратификуваната конвенција за контрола на тутун – FCTC и имплементирање на сите 6 точки на MPOWER-водичите, односно активно мониторирање на употребата на тутун и легислативана во земјата, заштита на населението од штетните ефекти на пушењето, помош на пушачите за одвикнување, предупредување за последиците од консумирање тутун, зајакнување на забраните за консумирање, продавање, рекламирање, промовирање и спонзорирање на тутунските производи и покачување на даноците и цената на истите

2.Во рамките на овие постулати, бараме заострување на Законот за пушење во јавни простории со забрана за пушење во сите затворени простории, тераси, балкони, дворови на угостителски и други објекти, забрана за продавање цигари во атарот на здравствените и едукативните установи, како и на територија со пречник од 500 метри околу истите. Потребно е да се прошири забраната и на другите средства за пушење, како електронски и heeted-цигари, наргиле и слично

3.Интензивирање на инспекциските контроли кои би обезбедиле доследна примена на законите што го регулираат пушењето

4.Интензивирање на кампањите против пушење и поддршка на активностите за едукација на населението за штетноста на тутунот, тутунските производи, електронските цигари , heeted тутунските производи и другите облици на консумирање тутун и никотин (наргиле и слично)

5.Зголемување на бројот на местата комплетно ослободени од присуство на чад од тутун и тутунски производи
6. Забрана за изложување на тутунските производии во продавниците на места лесно видливи и во дострел на погледот на купувачот
7.Воведувањеа безлични обвивки на цигарите, без видливи брендови

8.Отворање центри за одвикнување од пушење, обезбедување соодветен кадар и ресурси, зголемување на достапноста на лекарствата за одвикнување во земјата, како и покривање на трошоците за лекување на зависноста од тутун од страна на ФЗОМ. Методите за одвикнување од пушење се ефикасни, заштедуваат општествени средства и треба да бидат широко достапни

9.Вклучување на обуката за методите за одвикнување од пушење во редовната програма за едукација на сите профили на здравствени работници

10.Зголемување на даноците и цената на цигарите

Целта на овие активности е со заеднички сили да овозможиме промена на односот кон цигарите, да го прикажеме пушењето како социјално неприфатлив облик на однесување, а со тоа да придонесеме за пад на бројот на пушачи во Македонија, особено на децата и адолесцентите, за минимизирање на пасивното пушење и да се приближиме кон глобалната цел на СЗО и европските асоцијации против пушење, а тоа е „Европа без цигари до 2035 година!“

Писмото е испратено до Владата, министерот за здравство, Собранието, ФЗОМ, Македонското лекарско друштво, Лекарската комора на Македонија и сродните професионални здруженија