7.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Одекнаа нови прислушкувани разговори – се огласи објавувачот, ова е само почеток, вели тој

Осум аудио снимки осамнаа во последните 12 часа на профил на Фејсбук именуван како „El Cheka“. Некои од нив се повторуваат, па практично станува збор за шест „бомби“. Сите се на албански јазик освен една која е на македонски јазик и за која објавувачот тврди дека е помеѓу поранешната министерка за внатрешни работи и ексдиректорот на УБК, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков.

Според објавите на профилот, ова е само почеток, а снимките наводно биле добиени од лица од кумановската група, осудени пред четири години за настаните во Куманово.

Пет од објавените разговори се на албански јазик, а објавувачот тврди дека наводно зборуваат политичарите од ДУИ, Блерим Беџети, Муса Џафери и Бекир Асани.

„Ова е само почеток на објавување на некои прислушувани разговори во кои се вклучени Али Ахмети и Муса Џафери“, напишал објавувачот, додавајќи дека „кумановската група“, мислејќи на осудените за Диво Насеље, поседува уште разговори, кои ќе бидат објавени, барајќи меѓународна истрага за случајот, за наводно да се открие улогата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Една од „бомбите“ е на македонски јазик, а наводно поранешните високи полициски функционери Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков разговараат за тогашниот заменик-министер во МВР Блерим Беџети, кој барал да се казнат припадници на полициската единица „Алфи“, бидејќи според него се однесувале грубо при рацијата во тогашната дискотека „Шери“.

Според Мијалков и Јанкулоска, „алфите“ коректно си ја завршиле работата и при претресот пронашле пиштол, кај извесен Шеваљ, кој седел на иста маса со Беџети.

Фејсбук профилот „Ел Чека“ (El Cheka) на објавувачот на „бомбите“ не е анонимен, има над 2.747 пријатели.