14.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Претседателот Пендаровски го прими германскиот амбасадор Томас Норберт Герберих

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими амбасадорот на Сојузна Република Германија, Томас Норберт Герберих.

На средбата, двајцата соговорници разговараа за билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија, при што изразија задоволство од достигнатото ниво и континуираниот позитивен тренд, како во политичките, така и во економските односи меѓу двете држави.

Претседателот Пендаровски истакна дека градењето на пријателски релации со Германија, основани на искрен и доверлив пристап, се од исклучително значење за Република Северна Македонија, изразувајќи очекување за нивно натамошно унапредување во сферата на економијата, безбедноста, како и во други области од заеднички интерес.

Во однос на реализацијата на нашите стратешки цели, претседателот Пендаровски изрази благодарност за силната и отворена заложба на Германија, за отпочнување на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската унија, како и за поддршката за членство во НАТО.

Претседателот Пендаровски истакна дека во изминатиот период Северна Македонија презеде одлучни чекори за развивање на добрососедските односи и во исполнување на реформската агенда со што ја покажа својата посветеност на евроатлантските процеси.

Одредување на датум за почеток на пристапни преговори од страна на Европскиот совет, порача претседателот Пендаровски, позитивно ќе влијае на севкупната општествено-политичка клима во Република Северна Македонија и ќе значи дополнително стабилизирање на состојбите во регионот. Во таа насока, претседателот Пендаровски ја поздрави иницијативата „Берлински процес“, како конкретен влог на Германија за поддршка во евроатлантската интеграција и регионалната соработка со земјите од Балканот.

Амбасадорот Герберих на претседателот Пендаровски му пренесе честитки од германскиот претседател, Франк-Валтер Штајнмајер по повод стапувањето на функцијата и му посака успех во работата, изразувајќи уверување за натамошно интензивирање на односите меѓу двете земји во периодот што претстои.

Спонзорирано: