Со цел да се акцентира урбаното зеленило како неопходен услов за здрав и квалитетен живот во градовите и населените места, денес во Скопје, се одржа конференција на тема: „Како да го зазелениме урбанизмот“.
На Конференцијата се дискутираше за степенот на имплементација на Законот за урбано зеленило, што е донесен во јануари 2018 година, со одредби за најмалку 20 проценти зеленило на градежна парцела. Главен акцент беше ставен на прашањата: какво место има и какво треба да има зеленилото во процесот на урбанистичко планирање, колку се применува Законот за зеленило со новите одредби, каде лежат пречките за Законот и како да се обезбеди негова поефикасна примена, а со тоа и хуманизирање на просторот.
Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, на настанот го промовираше Правилникот за планирање, проектирање, подигање и одржување на зеленилото, нагласувајќи го неговото значење за успешна примена на овој Закон.
„Правилникот за планирање, проектирање, подигање и одржување на зеленилото го изработува и наскоро ќе го усвои Министерството за животна средина и просторно планирање, како резултат на веќе донесениот Закон за урбано зеленило. Правилникот има голема важност како дополнување на постојните одредби на Законот, но треба да претставува и основа за изработка на идните закони за урбанистичко планирање, со цел урбаното зеленило да го заземе потребното место“, истакна Петровска, посочувајќи дека новина на правилникот е начинот на кој во иднина ќе се проектираат објектите, со обврска, пред да се добие градежна дозвола, да се докаже дека на ниво на градежната парцела има 20 проценти урбано зеленило.
Понатаму, Петровска ја најави потребата од изработка на Стратегија за развој на зеленилото, со која ќе се обезбеди, во загадените градски подрачја, каде има недоволно проветрување и топлотни острови, да се создадат нови зелени површини, да се прошири зеленилото на дегадирани и опустошени простори, да се рекултивираат постојните диви депонии, а истовремено да се работи и на намалување на влијанието на климатски промени како и на подобрување на микроклимата на градот.
Во рамки на деталните урбанистички планови, ќе се работи и на основни планови за урбано зеленило, со што ќе се обезбеди да биде реализирано се она што е зацртано во Стратегијата.
На конференцијата се дискутираше за искуствата од ревизијата на ДУП-овите во општина Центар и третманот на урбаното зеленило, за улогата на граѓанските контроли во одбрана на зеленилото, како и за значењето на Законот и подзаконаскиот акт од аспект на Агенцијата за планирање на просторот и од аспект на ЈП „Паркови и зеленило“.
Организатори на настанот се НВО „Зелен Институт“ од Скопје и Демократска обнова на Македонија – ДОМ, а со поддршка на Bureau de Helling од Холандија.