Погрешните политики на СДСМ граѓаните најдобро ги чувствуваат на својот грб и својот џеб, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на тврдењата од владејачкиот СДСМ дека растат платите и пензиите во земјава.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека ветената плата од 500 евра ја нема, а од друга страна е отворена спирала на поскапувања.
„Сега граѓаните плаќаат поскапо гориво, поскап леб, поскапи намирници и општо поскапа потрошувачка кошница. Од ден во ден стандардот на граѓанинот тоне, додека власта се богати преку сомнителните тендери, доделувањето на концесии и непотистичките вработувања“, се наведува во реакцијата.
Како што велат од опозициската партија, растот на економијата во Македонија е убедливо најнизок во Европа и регионот.
„70 отсто граѓани земаат плата помала од просечната, над 500 илјади граѓани живеат под прагот на сиромаштијата, над 140 илјади млади се сиромашни, 47,6 проценти од младите се невработени и над 70 отсто млади сакаат да ја напуштат државата поради бесперспективност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Сметаат дека овие, како што велат, поразителни бројки се резултат на погубните политики на Заев, Тевдовски и Анѓушев и додаваат дека реалноста во Македонија е црна и секој ден станува полоша.