13.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

„Цивил“: Нулта толеранција за изборните нерегуларности

„Цивил“ најави дека го негува принципот на нулта толеранција за изборните нерегуларности. Оттаму велат дека секој и најмал облик на нерегуларност и непочитување на законите и процедурите претставува повреда на правото на глас и го урива дигнитетот на изборниот процес. Затоа, како што велат, сите учесници во изборниот процес се повикани максимално да ги почитуваат демократските стандарди и законските регулативи и да придонесат кон слободни, фер и демократски избори.

„Изборните нерегуларности, како што се притисоци, поткуп, злоупотреби, проблеми со Избирачкиот список, кршење на изборниот молк, говор на омраза, односно сѐ што граѓанките и граѓаните сметаат дека не е во согласност со нивното сфаќање за слободни, фер и демократски избори, може да го пријават во ‘Цивил’.

Пријавите може да се поднесуваат на веб-страницата ‘Слободни избори’, по електронска пошта (civil@civil.org.mk), во порака на „Фејсбук“ или на телефоните 02/5209 176, 070 734 044“, се наведува во соопштението.

„Цивил“ бара од политичките партии и нивните функционери, членови и активисти да ги почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите, да го почитуваат изборниот молк и да ги сопрат евентуалните планови, ако такви постојат, за изборен поткуп, притисоци и манипулација на гласачите.

„Секој обид да се наруши изборниот молк и кршењето на законите и стандардите поврзани со изборниот процес мора веднаш да бидат сопрени и санкционирани. Не смее да има толеранција за каков и да е притисок, закана или корупција (купување гласови)“, се додава во соопштението.

„Цивил“ ги охрабрува релевантните државни институции да ги искористат сите свои законски ингеренции до максимум и да спроведат законит, слободен, фер и демократски изборен процес. Порачуваат дека институциите не мора да чекаат пријави, приговори и жалби, туку може да дејствуваат по допрен глас и според сопствени наоди и мислење. Јавноста тоа го очекува од нив.

Сите членови на избирачките одбори мора да ги почитуваат интегритетот и работата на набљудувачите и на новинарските екипи и под никакви услови да не ги попречуваат во нивната работа.

„Цивил“ бара од членовите на избирачките одбори строго да се придржуваат до процедурите и Изборниот законик, да бидат љубезни, професионални и достоинствени во спроведувањето на своите задачи на изборниот ден. Тие не смее да подлегнуваат на притисоци и коруптивно дејствување на одредени партиски структури. За секоја информација што им е потребна, треба да се јават во општинската изборна комисија или на Државната изборна комисија. Секој обид за притисок врз нив треба да го пријават во полиција, но и „Цивил“ стои на располагање за пријавување на таквите случаи.

„Цивил“ ги повикува граѓанките и граѓаните да гласаат слободно, според сопственото убедување. Никому не му должат ништо. Сè што им ветуваат партиите и кандидатите на кои било избори, всушност, им припаѓа ним, според Уставот и законите на Република Северна Македонија.

Сите граѓанки и граѓани што нема да се најдат на Избирачкиот список, тоа може да го пријават во „Цивил“. Доволно е да достават име, презиме и адреса на живеење.

„Цивил“ констатира дека, за жал, ДИК и другите институции не најдоа време и начин да го решат овој проблем, но важно е сите недостатоци да бидат пријавени за да се реши проблемот најбргу што може, еднаш засекогаш, веднаш по изборите.

Медиумите мора да бидат непристрасни и професионални. Новинарките и новинарите во овој период имаат голема општествена одговорност. „Цивил“ ги охрабрува да бидат на висина на својата задача и да манифестираат максимална професионална и морална одговорност. За секој проблем со кој се соочуваат „Цивил“ им стои на располагање.

Спонзорирано: