23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Со манифестацијата „Подарете книга за велигденско јајце – симбол на Христовото воскресение“ обезбедени 35.000 книги

Во 13-та по ред манифестација „Подарете книга за велигденско јајце – симбол на Христовото воскресение“ што традиционално на Величетврток, во пресрет на големиот христијански празник Валигден, се одржа во Домот на култура „Илинден“ во општина Илинден, обезбедени се 2 000 книги.

Со тоа, во изминатите 13 години откако се одржува оваа оригинална и единствена од ваков вид манифестација, којашто истовремено ги обединува културата, уметноста и традицијата, собрани се 35.000 книги наменети за општинската библиотека „Илинден“, библиотеката во Домот на култура „Марино“ и училишните библиотеки во општина Илинден.

Во чест на две илјади и деветнаесеттото лето Господово, беа украсени 2.019 црвени велигденски јајца, па секој посетител на манифестацијата што даруваше книга за возврат доби црвено велигденско јајце.

Општина Илинден им искажува голема благодарност на сите досегашни учесници во манифестацијата кои со дарувањето книги придонесоа за збогатување на библиотечниот фонд, на претставниците од бизнис-заедницата, на издавачките куќи, на научните институции и факултети, на писателите, на учениците и на големиот број граѓани. Годинава посебна благодарност до поранешниот претседател на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, Драги Аргировски, кој во манифестацијата „Подарете книга за велигденско јајце – симбол на Христовото воскресение“ учествуваше со дарување 470 книги од неговата лична библиотека.
Оние кои сакаа да учествуват во манифестацијата, а не беа во можност, тоа можат да го сторат во текот на целата година, со дарувањето книги да дадат свој придонес во афирмацијата на пишаниот збор и развојот на културата, образованието и науката.