20.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Нов градски парк ќе никне кај расчистената депонија во Карпош

Екипи на Град Скопје и на Општина Карпош денеска почнаа голема акција за расчистување на децениските депонии зад Спортскиот центар „Борис Трајковски“, на кејот на реката Вардар. Расчистувањето на просторот се очекува да трае 10-ина дена, а на истото место ќе биде изграден парк, кој ќе биде наречен Градски парк 2, најави градоначалникот на Град Сопје, Петре Шилегов.

„Оваа дива депонија претставува повеќедецениски горлив проблем. Почнала да се формира со одлагање на урнатините по катастрофалниот земјотрес во Скопје уште во 1963 година. Повеќе генерации градски и општински градоначалници го игнорирале проблемот, но, за жал, некои од нив продолжиле да го одлагаат отпадот на оваа локација. Сега, заедно со Општина Карпош, конечно, најдовме решение за овој проблем и со тоа почнуваме со реализацијата на уште едно од нашите предизборни ветувања. Денеска го почнуваме чистењето на оваа депонија, по што ќе следува покривање на површината. На ова место ќе подигнеме парк на површина од над 90.000 квадратни метри, над девет хектари, што ќе го наречеме Градски парк 2“, рече Шилегов.

Тој додаде дека новиот парк ќе биде подигнат со донации од општествено одговорни компании, при што трошоците на Град Скопје и на Општина Карпош за подигнување на овој парк би биле незначителни во однос на неговата реална вредност.

Овој парк е лоциран во делот од градот што е уреден со регулацискиот план за градската четврт „З 04“, кој беше усвоен минатата година од Советот на Град Скопје. Во согласност со потребите на граѓаните со регулацискиот план предвидените 4,03 хектари површина за парковско и заштитно зеленило во оваа четврт се зголемени на 11,51 хектари. Просторот за домување, кој е предвиден во ГУП на Град Скопје за оваа градска четврт, со вкупна површина од 10,97 хектари, со овој регулациски план е намален на 3,13 хектари. Во планот се предвидени 3,36 хектари за инфраструктура, како и 6,34 хектари за секундарни улици. Првпат е додадена и можност за основно училиште и градинка.