24.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

За многу години: Православните го слават празникот Цветници – влегувањето на Христос во Ерусалим

Празникот Цветници, познат уште и како Цветоносна недела и Врбица е подвижен празник, секогаш се слави во неделата пред Велигден. Тоа е денот кога се доживува Христовото славно влегување во Ерусалим, градот во кој по неколку дена Исус Христос ќе биде распнат на крстот.

При влегувањето на Исус Христос во Ерусалим неговите ученици и следбеници со цвеќе и врбови гранки, како и со својата облека му го постилале патот.
„Кога Христос влегуваше во Ерусалим, луѓето го пречекуваа со извици, постилајќи ги облеките пред неговите нозе и засипувајќи го патот со маслинови гранчиња пречекувајќи го како цар на мирот небесен“. Во таа смисла и празникот е наречен Цветници.

Според толкувачите на Светото писмо, Исус влегол во Ерусалим качен на магаре затоа што кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служи на човекот како што Исус му служел на народот.

Пречекувајќи го Исус, одушевениот народ го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините“ Во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим уште од најрани христијански времиња е востановен празникот Цветници, кој, меѓутоа, се празнува од III век.

Денешниот ден повикува подлабоко да се доживее тајната на тие случувања. Во се што ќе се доживее овие денови е скриена и тајната на верувањето во Исус Христос, Спасителот.