Забраната на Русија за извоз на нафта и нафтени деривати во Украина како одговор на најновите санкции од Киев може да биде катастрофален удар за економијата на Украина, велат од една од водечките украински рафинерии, пренесува РТ.
„Сега, кога прекинот на тие резерви станува реалност, тоа навистина може да доведе до колапс не само на пазарот на горива туку и на украинската економија и да ја поткопа националната безбедност на земјата”, велат од „Укртатнафта“.
За да се стабилизира ситуацијата и да се обезбеди земјата со потребните нафтени деривати, компанијата понуди да ја зголеми обработката на нафтените резерви од касписките нафтени полиња.
Коментирајќи за загриженоста поради последиците од ембаргото, рускиот сенатор Алексеј Пушков истакна дека Киев одамна е подготвен да прекине сè што е поврзано со Русија и да ги купува стоките од своите западни сојузници. Тој истакна дека украинските власти погрешно сметале дека Русија нема да одговори на нивните провокации и предупреди дека нејзините резерви со санкции не се исцрпени.
Москва ги прошири ограничувањата за конкретни украински стоки во четвртокот. Покрај извозот на нафта, Русија забрани и увоз на украински производи како што се облеката, булдожерите, цевките и возилата за поставување цевки, меѓу другите стоки.
Рускиот премиер Дмитриј Медведев рече дека новите ограничувања таргетираат стоки во вредност од 250 милиони долари.
Потегот на Русија доаѓа околу една недела откако Киев ги прошири своите санкции против Москва како дополнение на претходните ограничувања во трговијата.