3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Објавена книгата раскази „Ужас и големи трошоци“ на Роберт Перишиќ

„Македоника литера“ од Скопје неодамна ја објави книгата со раскази „Ужас и големи трошоци“ од хрватскиот писател Роберт Перишиќ, во превод од хрватски јазик на Ленче Тосева.

Ужас и големи трошоци е збирка со 20 раскази, првпат објавена во 2002 година, а од хрватската книжевна критика беше оценета како една од најзначајните книги на деценијата во Хрватска.

Во оваа книга Перишиќ дава автентична, донекаде и трагикомична слика за поствоеното општество. Тој пишува за „хендикепираното“ потрошувачко општество, а јунаците најчесто се транзициски потрошувачи зафатени од егзистенцијалниот ужас предизвикан понекогаш од видливи причини: војна, страдања, алкохол, сиромаштија, насилство, но многу често тој ужас е, всушност, безнадежноста во секојдневието. По завршувањето на војната антијунаците се соочуваат со посуптилни секојдневни и егзистенцијални проблеми од основната потреба да се зачува животот – од финансиска, работна, љубовна природа. Некои проблеми се појавуваат поради неприспособеноста во секојдневниот живот и неснаоѓањето во продолжувањето на
нормалниот живот. И овде Перишиќ се фокусира на романтичните и емотивните врски врз кои ги гради приказните во своите раскази. Расказите во книгата се напишани со жив урбан јазик – на загрепски жаргон. Според авторот, ова се раскази за потрошувачкото општество во транзиција.

Два расказа од оваа книга се вклучени во антологијата на источноевропската проза објавена во Италија – Pensi che ci saremmo potuti conoscere in un bar? (2010).

Роберт Перишиќ (роден во 1969 г. во Сплит) по образование е професор по хрватски јазик и книжевност. Тој е еден од најнаградуваните и најпреведуваните современи хрватски писатели. Живее во Загреб како самостоен автор. Пишувал за култниот весник „Фелард трибун“ (1994 – 2000), а потоа објавува книжевна критика во неделникот „Глобус“ (2000 – 2013). Ги основал и ги уредувал списанијата за култура „Години“ (1992 – 1997) и „Нови години“ (1997 – 2000).