18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Во Скопје отворена изложба на свечена црногорска облека од 19 и 20 век

Во присуство на многубројни гости, меѓу кои и претседателот на Собранието, Талат Џафери, и премиерот Заев, министерот за култура, Асаф Адеми, и неговиот црногорски колега Александар Богдановиќ, вчера во Музејот на македонската борба свечено беше отворена изложбата „Европската мода на црногорскиот двор – рефлексии“.

Како што информираат од надлежното министерство, на оваа ексклузивна изложба е изложена свечена облека од колекцијата на Народниот музеј на Црна Гора, карактеристична за црногорскиот двор во 19 и во 20 век, а поставката се реализира со поддршка од Министерствата за култура на двете земји, како и со поддршка од црногорската амбасада во Скопје.

Министерот Адеми во своето обраќање истакна дека изложбата е убав пример за успешна културна соработка меѓу две пријателски земји, која на непосреден начин ги унапредува и ги збогатува културните врски во областа на уметноста, историјата и музеологијата.

„Верувам дека оваа изложба ќе биде и голема провокација за научната и за стручната јавност кај нас, кои преку студиозниот пристап на изложените експонати ќе имаат можност да дадат ново толкување на веќе познати историски настани и ликови од минатото, со што ќе предизвикаат голем интерес кај музејските посетители во земјава“, кажа Адеми.

Министерот за култура на Црна Гора, Александар Богдановиќ, пред присутните посочи дека изложбата ќе овозможи увид во еден помалку познат сегмент од црногорската традиција и култура.

„Сигурен сум дека оваа изложба претставува чекор напред во културното поврзување на нашите две држави, од чие потврдено пријателство произлегоа многубројни примери на партнерство и соработка. Од таа причина, мило ми е што во Скопје претставуваме поставка која по многу нешта е единствена, чиј концепт е фокусиран на оние содржини од нашето минато на кои е посветувано помало внимание во историографските и уметничките осврти на црногорското наследство“, истакна црногорскиот министер за култура.

За изложбата зборуваше и Анастазија Мирановиќ, директорка на Народниот музеј на Црна Гора, која се осврна на конкретните аспекти од конципирањето на оваа изложба, како и за можностите за нови проекти и соработка меѓу музеите во двете земји.

Спонзорирано: