9. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Сиљановска: МВР сè уште не утврдило како се случил хакерскиот напад во ДИК

Вчеравечер бевме сведоци на пренос во живо на социјалната мрежа „Твитер“ како се менуваат хард-дисковите во серверот на СДСМ за којшто постојат сериозни индикации дека складира лични податоци на граѓани, преземени со апликацијата „Избори 2019 година“, подготвена од СДСМ, обвини кандидатката за претседател Гордана Сиљановска-Давкова.

„Вчера, како што знаете ,разговаравме во ДИК за оваа проблематика, а денеска овде, во јавното обвинителство, разговарав со претставници на Комисијата којашто врши мониторинг на евентуални изборни нерегуларности. Оттаму беше кажано дека случајот веќе е доставен до Скопското јавно обвинителство, каде што е назначен јавен обвинител којшто треба да го истражува овој случај.

Навистина неверојатно е дека три дена откако јавноста па и обвинителството и МВР по допрен глас разбраа за опасноста на една политичка партија преку апликација на андроид-апликација на сервисот „Google play“ да прибира и да складира информации на партиски сервер, институциите зборувам и за МВР и за Јавното обвинителство да не го одземат серверот со цел да се спречи понатамошна дистрибуција на податоците и се разбира да се утврди одговорност на лицето кое спротивно на законот прибирал и складирал информации.

Да потсетам само дека не е направена ниту форензична истрага за упадот за хакерскиот упад во Државната изборна комисија кој се случува во истиот период кога СДСМ ја покренува апликацијата „Избори 2019 година“ и тоа пред 15-тина дена“, вели Сиљановска.

Според нивните информации, како што рече Сиљановска, МВР сè уште не утврдило како се случил тој напад, дали има поврзаност со апликацијата на СДСМ. Таа нагласи дека лицето коешто во 2016-та година било претставник на СДСМ во комисијата во ДИК, којашто ги прочистувала изборните списоци и имала пристап до целата евиденција и матичните броеви на граѓаните, е автор на апликацијата при којашто СДСМ собирала и прибирала информации од граѓаните и ги пренесувала на серверот на СДСМ.

„Очекувам дека македонските институции и обвинителството, и МВР ќе преземат најитни чекори и мерки за оваа ситуација да се разјасни затоа што повторно да речам неверојатно е три дена откако аферата ‘Големото око’ излезе во јавноста, а институциите да молчат, а луѓето одговорни за овој криминал во СДСМ да ги менуваат серверите и притоа целата македонска јавност да биде сведок на менувањето на серверите коишто најверојатно веќе се уништени и во нив нема да може да се утврди што се содржело“, истакна Сиљановска.

Доколку се реагирало побрзо и се утврдела фактичката состојба, според неа, сите ќе бевме помирни во однос на изборните нерегуларности но и за други евентуални криминални активности, за жал, вели таа, овој пат од страна на една политичка партија на власт.