15. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Лицемерно е ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да зборуваат за медиумски слободи

СДСМ, градоначалничката на Арачиново, општината и други политички и општествени субјекти го осудија чинот на насилство во општина Арачиново, а институциите веќе преземаат мерки за расчистување на настанот, велат од владејачката партија.

Од таму додаваат дека денешната реакција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и неговата наводна загриженост е неискрена, задоцента и крајно лицемерна.

„Истиот тој Мицкоски 10 години молчеше за затворањето на медиумите, за малтретирањето на Томислав Кежаровски, за корупцијата во медиумите со пари од граѓаните, за заробената држава што ја создаде режимот на неговиот ментор, Никола Груевски. Хидро Мицкоски молчеше мислејќи на своите хидро централи. Упади во медиуми, напади, апсења и притворања на новинари, закани кон медиуми, беа секојдневие во времето на криминалниот режим на ВМРО-ДПМНЕ, со што нашата држава беше на дното во Европа по медиумски слободи“, стои во партиското соопштение.

Од СДСМ потсетуваат дека Мицкоски не кажал ни збор кога обезбедувањето на, како што се вели, неговиот ментор Никола Груевски, во сред бел ден, во центарот на Скопје упаднало во просториите на ТВ21 и нападнале новинар од овој медиум.

Од владејачката партија нагасуваат дека по преземените реформи целосно се почитуваат слободата на говор и јавно изразување во земјава и експресно се преземаат мерки за расчистување на секој напад врз новинари.