23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев со бизнисмени од Гевгелија Компаниите да ги искористат мерките за унапредување на соработката со грчките партнери што доаѓаат од новите развојни можности од Преспанскиот договор

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев по обиколката на системот за водоснабдување на Гевгелија заедно со директорот на Царинска Управа на Република Северна Македонија, Ѓоко Танасоски и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, остварија средба со бизнисмени и деловни луѓе од овој регион.

На средбата се зборуваше за мерките за поддршка на конкурентноста на домашните компании од Планот за економски раст, за важноста од меѓуграничната соработка помеѓу граѓаните и компаниите од двете земји, а се разменија предлози и размислувања за надминување на одредени проблеми на кои посочуваат претставниците на бизнис заедницата. По завршување на средбата премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев дадоа кратки изјави за медиумите.

„Драго ми е што толку многу луѓе од Гевгелија и гевгелискиот регион беа денеска присутни и на средбата заедно со директорот на Царинската Управа на Северна Македонија, Ѓоко Танасоски и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, за да разговараме за она што е актуелна проблематика на деловната заедница, а секако и за перспективите што се отвораат за целата наша земја, и посебно за овој регион. Со Договорот од Преспа се отвораат сериозни перспективи за нашето членство во ЕУ и НАТО што има сериозен и директен импакт за деловната заедница, за бизнисите, за домашното производство и извозот. Во гевгелискиот регион ова треба да биде неколкукратно мултиплицирано затоа што првиот импакт од пријателството со Грција доаѓа токму овде“, изјави премиерот Заев.

Премиерот Заев посочи дека на средбата беа презентирани сите можности и перспективи што се отвораат на располагање преку отворање на нови фондови, преку ИПА компонентата и европските фондови. Станало збор и за новата можност за отворање на фондовите од Грција кои се вкупно околу 200 милиони евра од кои за нашата земја се околу 80 и 90 милиони евра, алатка којашто Грција ја употребувала до 2005, а којашто сега повторно се отвора на што административните служби од двете земји работат.

„Информиравме за сите мерки за поддршка на конкурентноста на компаниите кои оваа година се усовршени. Сакаме да поттикнеме што поголемо нивно користење. Нашата цел е овие определени пари од буџетот да ги искористат бизнисмените и фирмите, малите и средни претпријатија па и поголемите, заради тоа што на тој начин компаниите се стекнуваат можност за повеќе профит, што потоа носи развој на компаниите и раст на платите на вработените, како и отворање на нови работни места и намалување на невработеноста. Трендовите се отпочнати, јас верувам дека ќе бидат се поголеми“, нагласи премиерот Заев.

Тој додаде дека финансиската состојба и ликвидноста на државата се одлични и дека компаниите треба да ги користат мерките и можностите што државата ги отвора за нивниот развој.

„Она што се отвора како можност со Грција треба посебно овој регион, но и цела држава, да го искористи како можност. Прво заради зголемена трговија, обем на производство, пласмани во Грција, нови инвестиции од Грција во Северна Македонија, или заеднички инвестиции кои треба да се случат и многу други можности кои се отвораат“, рече премиерот Заев и додаде дека на тој начин, меѓу другото, ќе растат БДП, извозот на домашното производство, работните места и платите.

Средбите со стопанствениците се од клучно значење при креирање на економските политики бидејќи само така ќе имаме реален увид и сознание за економијата и за проблемите со кои се соочуваат, истакна вицепремиерот Анѓушев кој посочи дека поврзувањето на гасоводот ќе даде простор за нови проекти и ќе го намали трошокот на компаниите и граѓаните.

„Гасоводната цевка, којашто ќе биде интерконектор со Грција, е следниот приоритетен проект во делот на енергетиката. Од Неготино до Грција ќе се поврземе гасоводно и дел од таа цевка ќе има излез во Гевгелија и ќе отвори простор за нови перспективи за градот, за помалку загадување и користење поеколошки горива. Мислам дека Гевгелија има сериозни перспективи, како најблизок град до Грција и како резултат на пријателството и добрите односи со Грција што е една од најразвиените земји во регионот. А Гевгелија со својата позиционираност ќе има сериозен бенефит од овие односи и политички настани”, рече на средбата заменик претседателот во Владата на РСМ задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев

Во однос на поддршката на развој на малите и средни претпријатија, Анѓушев посочи дека малите и средни претпријатија имаат централно внимание во економската програма на владата, и тоа преку две можности, едната е преку Законот за финансиска поддршка и втората преку Фондот за иновации.

„Тука во Гевгелија имавме еден добар пример за компанија што има добиено средства и проект што е веќе во имплементација. Јас ги охрабрувам сите да аплицираат затоа што оваа година државата има детерминирано 47% повеќе средства од минатата година. Тоа значи дека оваа година има над 60 милиони евра државни средства за економијата односно за мали и средни претпријатија. Денеска дел од разговорите со стопанствениците се однесуваа на оваа тема. Ги информиравме, ги запознавме и ги поттикнавме. Ова е првпат во поновата историја на државата компаниите да имаат можност за директна помош од државата”, изјави вицепремиерот Анѓушев.