23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пендаровски во Гостивар: Вашиот глас одлучува, само заедно може да тргнеме кон сигурна иднина

Kандидатот за претседател Стево Пендаровски од Гостивар порача дека само заедно и сплотени граѓаните може да одат напред кон сигурна иднина.

Како што информираат од неговиот штаб, Пендаровски побарал поддршка од граѓаните со масовна излезност на изборите.

„На пет дена сме до првиот круг на изборите, до одлуката дали Северна Македонија ќе продолжи да оди кон прогрес или ќе се врати назад кон темното минато. Заокружувањето на рамковниот договор и потпишаните договори со Бугарија и Грција носат во НАТО и ЕУ, кон просперитет, економски развој, развиено земјоделие, квалитетно образование, нови инвестиции и перспективи за младите“, порачал тој.

Пендаровски рекол и дека во времето на груевизмот фамилијата правела што ќе посака.

„Тие фрлија 800 милиони дадоа за споменици и жални врби, ги наполнија куферите и сега од Будимпешта ни кажуваат како да работиме. Гласот за Гордана е глас за враќање назад, во времето на фамилијата. Мојот концепт е сосема различен, за напредок, сигурна иднина, членство во НАТО и ЕУ“, нагласил кандидатот за претседател.

Пендаровски од граѓаните на Гостивар побарал поддршка и глас за бројот 3 затоа што, како што рекол, оваа држава е за секого иста, без разлика на вера, етничка или партиска припадност.