23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Надлежните тврдат дека одлуките за исплата на субвенции за лозарите се донесени пред распишување на изборите

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ја информира јавноста дека обештетувањето на лозарите по основ на долгот што винарските визби го имаат кон нив за предадено грозје е извршена во сосема законска постапка, и тоа врз основа на одобрени средства во Буџет на АФПЗРР за 2019 – та година, и Одлука на Владата, која претставува помош на лозарите кои ги исполниле сите критериуми утврдени во Закон за земјоделство и рурален развој.

,,На 4 февруари 2019 година, Собранието ги усвои измените на Законот за земјоделство и рурален развој, со што се исполни и правниот основ за државата да ги обештети лозарите. На 7 февруари 2019 година, на вонредна седница, Владата ја донесе предлог Одлуката за утврдување на обештетувањето како мерка за исплата за продадено винско грозје. Овие Одлуки се донесени пред распишувањето на претседателските избори. Со оваа исплата не се покриваат долговите на приватните фирми кон лозарите, туку оваа исплата претставува субвенција од страна на државата за да се ублажи штетата која ја претрпеле лозарите со неисплаќањето на средствата од страна на винарниците.Со оваа интервенција не престанува обврската на приватните фирми за целосна исплата на долгот што го имаат винариите, се вели во соопштението.

Воедно, Уставниот суд на ден 17.05.2017 ја укина одредбата од Изборниот законик за забрана за исплата на субвенции. Во образложението на одлуката на Уставниот суд се наведува дека забраната за исплата на субвенции е ограничување на правата на граѓаните корисници на субвенции и нивното легитимно очекување дека дел од вложените средства во нова реколта ќе им биде вратена преку субвенции. ,,Со утврдување на забраната за исплата само на субвенциите кои не се редовни месечни исплати, овие корисници на државна помош се ставени во нееднаква положба со останатите корисници на државна помош, поради што оспорената одредба исто така не е во соглсност со уставното начело на еднаквост на граѓаните од членот 9 од Уставот.Ова неправедна ситуација во која беа доведени земјоделците беше основна причина за Одлуката на Уставен суд со кои се укинаа одредбите од Изборниот законик кои ја забрануваа исплата на субвенции во изборен период”, се додава во соопштението.

Антикорупската комисија денеска го прифати приговорот на ВМРО-ДПМНЕ против Агенцијата за финансиска поддршка, ќе иницира постапка за утврдување одговорност пред надлежните органи.ВМРО-ДПМНЕ до Антикорупциска комисија реагираше што Агенцијата во изборен период исплатила 1.250.000 евра на повеќе од 2000 лозари, но не за субвенции и редовни исплати туку за исплата на долг на приватни фирми.