22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото илустрација
МАКЕДОНИЈА

Агенцијата за храна тврди дека нема непотребни задржувања на Ќафасан и Табановце

Агенцијата за храна и ветеринарство тврди дека нема непотребни задржувања на превозниците при вршење на инспекциски контроли на граничните премини Ќафасан и Табановце. Согласно законските одредби, при извоз на храна од животинско потекло, официјалните ветеринари не вршат контроли на граничните премини, туку на местото на утовар на пратката за што издаваат и сертификат.

,,На граничните премини контроли се вршат исклучиво при увоз во земјава, за што компаниите имаат обврска претходно, најдоцна 24 часа пред пристигнување на пратката на граница, да се најават во електронскиот EXIM систем. Работното време на инспекциските служби на Агенцијата е усогласено со работното време на царинските служби.

За увоз на храна од неживотинско потекло, неодамна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов донесе решение за определување на 16 инспекциски места за вршење на контроли при увоз. Избор на едно од определените инспекциски места каде ќе се врши контролата прави компанијата која увезува во Македонија”, се вели во соопштението.

Во него се додава дека како одговорна институција Агенцијата ја поддржува иницијативата на бизнис секторот за вршење на заеднички инспекциски контроли со соседните земји. Според планираното, за оваа намена, на граничниот премин Ќафасан со Република Албанија ќе се гради нов објект за вршење на заеднички контроли.

,,За да нема задржување на пратки од животинско потекло кои се извезуваат од Северна Македонија, неодамна, Агенцијата за храна и ветеринарство писмено се обрати до Ветеринарната управа на Република Србија со барање за пролонгирање на работното време на нивните официјални ветеринари на граничниот премин Табановце-Прешево. На барањето на Агенцијата, за жал, не беше позитивно одговорено”, се наведува во соопштението.