23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Град Скопје со одлична вест за скопјани – Се делат субвенции за велосипеди

Градот Скопје ги потсетува граѓаните дека може да ги искористат субвенциите за купување велосипед и да надоместат дел од трошоците направени при набавката на велосипедот. На јавниот повик што Градот Скопје го распиша на 11 март, досега се пријавиле околу 1.600 граѓани, што е речиси половина од бројот на планираните субвенции. Оваа поволност граѓаните на Скопје ќе можат да ја искористат заклучно со 30 јуни.

Имено, на граѓаните кои ќе купат велосипед од денот на објавувањето на јавниот повик, а заклучно со 30 јуни, Градот Скопје ќе им надомести дел од трошоците направени при купување велосипед. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 проценти од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Барателот треба да ги исполни следниве услови – да е жител на Град Скопје (во општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари); подносителот на барањето досега да нема добиено финансиски средства за набавка на велосипед од Град Скопје и велосипедот да го купи од денот на објавување до денот на завршување на јавниот повик.
Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“. Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање субвенција за купување еден велосипед.

Од Град Скопје велат дека целта е да ги стимулираат граѓаните да користат велосипед во секојдневното движење, како превозно средство кое е финансиски достапно, економски исплатливо и еколошко, зашто придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, како и за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух.

Барањето за надоместок на дел од трошоците за купување велосипед, заедно со потребната документација, граѓаните во затворен плик ги доставуваат во Архивата на Град Скопје, булевар Илинден број 82, секој работен ден од 9 до 15 часот.