11.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Истрага за жител на Грчец, кај ТЦ „Лептокарија“ пронајден пиштол во неговото возило

Едно лице е осомничено за неовластено држење оружје во својот автомобил. Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за неовластено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396, став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, кој е жител на селото Грчец, на 7 април на булеварот Партизански одреди, спроти трговскиот центар „Лептокарија“, во својот автомобил неовластено држел полуавтоматско огнено оружје – пиштол „црвена застава 99“ во калибар 9 мм, како и пет куршуми, муниција за тој пиштол. При преглед на возилото од страна на овластени полициски службеници оружјето било пронајдено и одземено.

Против него во Основното јавно обвинителство Скопје во тек е уште една кривична постапка за исто кривично дело по кривичната пријава поднесена во октомври 2018 година. Имајќи го предвид овој факт, надлежниот јавен обвинител ценеше дека е оправдан стравот дека осомничениот би можел да го повтори кривичното дело или да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, па до судијата на претходна постапка достави и предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.