14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Џафери на конференција во Виена за претседатели на парламенти од ЕУ

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во Виена, Австрија учествува на конференцијата на претседатели на парламенти од Европската Унија, на која, покрај претседатели на парламенти на земјите членки на ЕУ, поканети се и претседатели на парламенти на земјите кандидати за членство во ЕУ и земји што учествуваат како набљудувачи. Со конференцијата претседава Волфганг Соботка, претседател на Австрискиот национален совет, и Инго Апе, претседател на Австрискиот федерален совет.

Според дневниот ред, конференцијата е поделена на две сесии, и тоа Европската Унија и нејзините соседи и ЕУ во пресрет на европските избори во 2019 година – понатамошен развој на соработката меѓу националните парламенти и европските институции.

Спикерите срдечно го поздравија стапувањето во сила на преспанскиот договор оценувајќи го како историски чекор кој претставува пример на помирување за целиот регион. Тие ги поздравија Република Северна Македонија и Република Грција за ова важно постигнување.
Имајќи предвид дека европскиот курс на земјите од Западен Балкан најдобро се одржува со видливи напредоци во процесот на пристапување, претседателите на парламентите уште еднаш ја потврдија европската перспектива на земјите од Западен Балкан и заложбите за проширување на Европската Унија како инвестиција во мирот, демократијата и безбедноста.
На втората сесија спикерите ги повикуваа граѓаните на Европа за активно да учествуваат во обликувањето на иднината на Европа преку искористување на нивното право на глас во идните европски избори на 23-26 мај 2019 година. Јакнењето на односот помеѓу националните парламенти и институциите на ЕУ е важно за доближување на ЕУ до нејзините граѓани, зголемување на довербата и создавање поголема транспарентност.

Џафери оствари и билатерална средба со потпретседателката на Националното собрание на Франција, Биро Бонард, и претседателот на Комисијата за европски прашања во Сенатот на Франција, Бизе. Соговорниците ги оценија билатералните односи како добри, но се заложија за поинтензивна соработка на високо ниво во наредниот период. Претседателот Џафери информира за усвојувањето на законите од реформската агенда и побара поддршка за евроинтеграциските процеси. Од француска страна беше изразено уверување дека Франција ќе продолжи да ги поддржува земјите од Западен Балкан бидејќи смета дека нивната стабилност е суштинска за Европа, но дека ќе инсистира на стриктно почитување на критериумите за членство.